Sunday, September 9, 2012

Омилената статистика на премиерот

Кога и да го прашаат нашиот премиер за економијата, без разлика дали во странство или дома, тој постојано повторува една единствена статистика - Светската Банка во својот извештај Doing Business за 2012 година не карактеризира како земја која трета по ред најмногу напредувала, со што го заземаме завидното 22 место. Впрочем и нема што друго да повторува: БДП-то во првиот квартал доживеа пад од 1.4% откако веќе четврта година не покажува значителен раст, невработеноста е највисока во Европа, нееднаквоста и степенот на сиромаштија се рекордни во Европа, а според странските инвестиции сме на дното во регионот. Оттука не разбирам што бара таа неизбришлива насмевка на лицето на Груевски кога ќе му постават прашање за економијата.
Генерално гледано, повисоко рангирање на листата на Doing Business е подобро отколку пониско, иако и тоа не е секогаш точно бидејќи некои од овие регулативи се во судир со заштитата на работничките права и животната средина. Но како и да е, мораме да имаме предвид што тоа рангирање во суштина претставува. Имено, Светската Банка ги рангира земјите според регулативата за водење бизнис, а не според бизнис климата. Тоа значи дека вие уште утре можете да ги донесете сите закони кои Светската Банка ви ги налага за да се пласирате на повисоко место, но бизнисот и понатаму може да ви е мртов доколку многу поважни фактори како реалните услови за инвестирање, корупцијата, политичката стабилност и правниот систем ви се главните проблеми, како што е случајот со Македонија. Еве, и од сајтот на Светската Банка:

„Doing Business analyzes regulations that apply to an economy’s businesses during their life cycle, including start-up and operations, trading across borders, paying taxes, and resolving insolvency. Doing Business does not measure all aspects of the business environment that matter to firms and investors. For example, it does not measure security, macroeconomic stability, corruption, the level of skills, or the strength of financial systems.„

Тоа јасно се гледа и од листата на рангирани на која над нас котира Грузија (16), Тајланд (17) и Малезија (18) на пример, а една Руанда е на 45-то место, далеку пред Индија (132) која е една од главните дестинации за странски инвестиции. Еве ги на пример најдобрите 8 реформатори за 2010: на прво место Руанда, потоа Киргизстан, Македонија, Белорусија, Обединети Арапски Емирати, Молдавија, Колумбија, Таџикистан. Сосема реално друштво на земји во кое се наоѓаме според степенот на економски развој. Токму овој податок беше главен адут на премиерот за успесите на неговата економска политика, но во суштина цело време се цитира еден квази-индикатор, кој поради останати економски корелации многу повеќе е индикатор за тоа колку е проблематично да се инвестира во овие земји, отколку на идеалната клима за инвестирање.
Кога соговорникот (премиерот) свесно манипулира со статистиката, тука веќе се исклучува секаков разговор базиран на искреност и интелектуален интегритет. Тоа е доказ за потценување на сопствениот електорат, но можеби може да се разбере од аспект на бескрупулозна борба за власт. Но кога ќе ве прашаат едно конкретно прашање на највлијателнит странски медиум (СиЕнЕн), а вие ќе се направите „на Тошо„ и ќе дадете одговор кој нема никаква врска со прашањето, тогаш веќе не го потценувате само сопствениот народ, туку и водителот, и светската јавност, и конечно е срамно и за целата држава. 


Sunday, August 26, 2012

Како до бесплатно студирање во САД

Пред некои 6 години директорката на една позната скопска гимназија прими посета од еден дечко кој во тоа време беше единствениот Македонец запишан на додипломски (undergraduate) студии на универзитетот Харвард со предлог тој да оддржи презентација пред средношколците за можностите за студирање во САД со полна стипендија, да ги објасни условите кои ги бараат еминентните американски универзитети и да ги сподели сите потребни информации за тоа како нашите средношколци може да аплицираат за едно такво завидно место. Дечкото, инаку подоцна мој пријател и колега, не бараше никаква финансиска надокнада, само една училница и едночасовен термин. Но наместо да биде добредојден, ако ништо друго поради иницијативата, несебичноста и одвоеното време, не му беше дозволено од страна на директорката да ја оддржи својата презентација бидејќи „не можеле на кого било да му отстапуваат училници„ (!). Одлуката на оваа (веќе бивша) директорка речиси сигурно се одрази на иднината на некои ученици со голем потенцијал, кои никогаш не слушнаа за можностите кои американскиот академски систем ги нуди, па оттука ниту аплицираа, и нивните животни патеки ги однесоа во сосема друга насока.
Информацијата е моќ, но многу често вистинската информација не доаѓа до оние кои би имале најмногу корист од неа поради себични интереси, бедна зајадливост или бирократска инерција. Од лично искуство, 98% од македонските ученици не се воопшто свесни за можностите за студирање во САД; не бев ниту јас кога завршив средно и дознав сосема случајно од еден Србин кого го сретнав во Шпанија. Останатите 2% се оние кои учат во приватни гимназии (НОВА и Турскиот колеџ), каде уште од прва година ги приремаат за процесот за аплицирање на колеџ преку совети за тоа кои предмети и воншколски активности треба да ги изберат, каде можат да аплицираат, припреми за тестирања итн. Така, децата кои учат во приватни гимназии не се привилегирани само поради економската состојба на нивните родители, туку многу поважно и поради информациите кои тие пари успеваат да им ги купат. Но информацијата не кошта ништо да се сподели. Затоа се надевам дека постов ќе допринесе да се намалат таквите непотребни привилегии и со ваша помош, шерување по социјалните мрежи и сл, ќе успее да стигне до неговата целна група и можеби ќе им помогне на некои талентирани деца да го остварат својот сон.


Каде може да аплицирате
Голем број американски универзитети секоја година запишуваат значаен процент странски студенти (3% е националниот просек) и одреден дел од нив даваат целосни стипендии, вклучително и трошоци за живот, на студентите кои ќе ги примат. Како дел од стипендијата може да биде понудено и студентска работа (отприлика 10 часа неделно), од каде сосема доволно се заработува за да се покрие и авионската карта и да остане нешто екстра за преку лето. По правило, универзитетите со целосни стипендии (full financial aid) се оние кои имаат многу пари, што значи истите оние кои фигурираат меѓу највисоко рангираните универзитети во САД (и во светот) и е потешко да се влезе. Секоја година конкуренцијата е се поголема – оваа година Харвард постави нов рекорд со acceptance rate од само 5.9% од вкупниот број апликанти. Но доколку универзитетот му понуди место на апликантот, тогаш му даваат стипендија во склад со финансиската состојба на неговата фамилија (тоа се вика need-blind and full-need  admission policy). За просечна македонска фамилија тоа речиси секогаш подразбира целосна стипендија. Универзитетите и колеџите кои даваат целосна стипендија се: Harvard, Princeton, Yale, MIT, Dartmouth, Amherst, потоа University of Chicago, Wesleyan University, Skidmore College, Trinity College, Gettysburg College, Williams College, Vassar, Colby College, а на оваа страница има уште некои универзитети кои тврдат дека имаат full-need admission, но можеби не се однесува и на странските апликанти (проверете во Admissions на страната на конкретниот универзитет). Сите овие универзитети се рангирани во првите 50 во САД, што значи дека критериумите за прием се исклучително високи. Рангирањето можете да го проверите на US News Education.

Кој може да аплицира
Секој кој има диплома од средно може да аплицира, но тоа не значи дека секој треба да аплицира, бидејќи процесот на аплицирање е долг, напорен и најголемиот број универзитети имаат application fee во висина од 50-100$. Поради тоа се препорачува да аплицирате само доколку имате реални шанси за прием. Нема строго зададени критериуми и секоја година родителите во САД даваат огромни пари на тутори и консултанти чија задача е од нивното дете да конструираат профил каков што тие мислат дека универзитетите бараат, колку и да е тоа недефинирана категорија. Како и да е, типичниот успешен кандидат од странство има висок просек од средно (над 4.8), комуницира на англиски без никаков проблем, има барем една воншколска активност во која е активен и постигнува резултати во истата (курс по странски јазик не се важи), демонстрира лидерство, учествува и освојува награди на натпревари или семинари (државни и/или меѓународни) од областа која го интересира... Предност е и доколку сте имале одредени негативни фамилијарни околности кои сте морале да ги надминете (самохран родител, социјален случај, малцинско потекло - од ромска националност, на пример и сл.), бидејќи тоа покажува силен карактер и бидејќи универзитетите се трудат да ја зголемат разновидноста на студентите. Еден таков екстремен случај е оваа девојка, која Харвард ја прими оваа година со посебни почести.
Студирање на друг континент, колку и да изгледа примамливо од овде, може да биде особен психолошки предизвик за некои луѓе. Затоа мислам дека доколку никогаш не сте биле сами во странство на подолг период и не знаете дали и како се адаптирате на туѓа средина, можеби не е најпаметно да се впуштите во ова.


Принстон: Blair Hall
Што треба за да аплицирате
Најголемиот дел од процесот на аплицирање (ако не и целосно електронски) се одвива онлајн. Најпрво ќе ја симнете апликацијата (сите потребни формулари) од сајтот на универзитетот за кој сте заинтересирани или ќе ги пополните истите електронски.  Во формуларите треба да одговорите десетици прашања кои имаат за цел да го откријат вашиот карактер, размислувања, амбиции, идеи и вредности.
Најверојатно ќе има и есеј и/или statement of purpose во вид на прашање со подолг одговор, не повеќе од 2 страни. Македонските стандарди за пишување есеј се малку поразлични од американските; комитетот на сака да чита патос и стилски фигури, туку нешто што личи повеќе на политички говор зад кое стои индивидуа со цврст карактер и амбиција. Прочитајте на интернет примери од есеи пред да почнете да пишувате. Избегнувајте стереотипни идеи и изрази, бидејќи како правило – колку е поискрено и поконкретно, толку поголем впечаток ќе оставите.
Ќе ви требаат и неколку (обично 2) препораки од луѓе кои добро ве познаваат (некој ваш професор или инструктор, не родители или пријатели), кои ќе треба да кажат за каков брилијантен потенцијал се работи.
Најтешкиот дел од аплицирањето е полагањето на SAT тестот. Се работи за стандардизиран тест со три дела: math, critical reading и writing, кого го полагаат сите апликанти, и странски и „домашни„. Има и посебни SAT Subject Tests, но не сите школи го бараат тоа, иако често се препорачани. На официјалниот сајт може да се регистрирате (80$ е registration fee) за една од датите на кои се полага тестот (во септември или октомври, но регистрацијата треба да ја направите барем 1 месец порано). Кај нас тестот се полага во гимназијата НОВА. Неопходно е барем 2 недели спремање, бидејќи тестовите се многу поразлични од што било друго на кое нашите средношколци се навикнати. Иако самата математика е релативно едноставна, акцентот е ставен на брзо размислување и логика. Материјали за подготовка можете да најдете во Британскиот Совет во Скопје или универзитетската библиотека или да ги симнете онлајн како торенти. За првите 20 рангирани школи препорачливо е да имате 650/800 на сите делови, а за солиден резултат се смета над 700/800, иако за странски студенти толерираат и нешто послаби резултати на writing и cirtical reading поради јазичната бариера. Cut-off-от од 650/800 одговара на најдобрите 10% од сите ученици. Иако вашиот слаб SAT score може да биде надоместен со инаку одлична севкупна апликација, SAT служи како важен индикатор преку кој можат да се споредат илјадниците различни школски системи ширум светот и воопшто не е за потценување. SAT subject tests (тестови за поединечни предмети) од друга страна се многу полесни, лесно се учат и тука за добар резултат важи речиси совршен score (близу 800). Доколку имате резултати од SAT, повеќето школи не бараат додатно TOEFL тестирање за познавање англиски.
За крај, ќе ви ги побараат и официјалните свидетелства и евентуално сертификати или награди кои ќе ги наведете во апликацијата, преведени и заверени на нотар. Во некои случаи ќе ги побараат само доколку ве примат, но сигурно ќе ги побараат. Затоа (и не само затоа) никако не смеете да давате лажни податоци во вашата апликација. Доколку се откријат какви било лажни податоци, може да ви ја поништат дипломата и години по дипломирањето.
Конечно, доколку вашата апликација помине во втората фаза, добар дел од школите ја користат својата мрежа од алумни за да организираат интервју за потенцијалните апликанти во најблиската локација во која имаат некого. Интервјуто можеби ќе ви се чини најстресно, но доколку се што е наведено во апликацијата е искрено и точно и доколку имате минимум social skills, ќе биде само чиста формалност и нема да има битно влијание врз конечната одлука.
MIT студенти на час Вовед во роботика

Каде, кога и како да аплицирате
Процесот трае цела една година и подразбира неколку недели  интензивна работа на самата апликација и есејот, покрај подготовките за SAT. Самите рокови за апликацијата варираат од школо до школо, распоредени од ноември до февруари, но поради SAT тестот мора да почнете со припреми најкасно во септември. Тоа значи дека апликантите што би можеле сега да аплицираат за наредната академска година треба штотуку да почнуваат четврта година средно. Доколку сте веќе запишани на факултет, треба да аплицирате како трансфер студенти (за школите што воопшто дозволуваат трансфери), но бројот на примени трансфер студенти е многу мал - само неколку десетици студенти. Доколку веќе имате факултетска диплома (бачелор), не може да аплицирате за друга.
Прашањето на кои универзитети од наведените да аплицирате бара доста истражување (локација, financial aid policy, “minimum” requirements, deadlines) и важно е колку пари сте подготвени да инвестирате. Бидејќи веќе аплицирате (SAT важи за сите школи, есејот може лесно да се прилагоди со мали измени), секоја наредна апликација ќе ве кошта многу малку дополнително време, но цената за application fees, SAT scores mailings и слично ќе изнесува околу 100$ по апликација, и брзо може да се собере значителна сума ако аплицирате на повеќе од 5 места (што и се препорачува). Споредено со парите и можностите што ќе ги добиете ако ве примат (100,000-200,000$ за 4 години), тоа не е ништо, но затоа е важно реално да ги процените вашите шанси и да аплицирате на места од повисок и понизок ранг како би извлекле максимум веројатност да не извисите таа година. Американците обично аплицираат на 10-20 школи (но имаат 10 пати поголема плата од нашата).
Доколку се пронаоѓате во описот на типичниот успешен кандидат и имате желба да студирате на најпрестижните факултети во Америка, прво што треба да направите е да закажете SAT термин. По темелно истражување на опциите (вебсајтот на универзитетите е се што ви треба), треба да одлучите на колку и на кои школи сакате да аплицирате. И веќе во октомври да почнете да ги составувате апликациите. Ако никогаш во животот не сте пополниле апликација, нема да биде воопшто едноставно, но не се откажувајте. Овој пост може да ви служи само како појдовна точка; уште многу други работи ќе треба да ги направите сами. Би сакал да ви помогнам на конкретни прашања, но тоа нема да го направам од три причини: 1. Студиите ми одземаат премногу време. 2. Сите универзитети обично имаат е-мејл специјално за admissions на кој може да поставувате прашања околу документацијата и правилата. 3. Доколку не успевате сами да се снајдете во процесот на аплицирање, тогаш сосема сигурно не сте соодветен кандидат и нема ниту да успеете да се снајдете во средината и екстремно брзото темпо кога ќе отидете таму.


За крај, би сакал да нагласам дека постов е пишуван од мое лично искуство и искуство од разговори со други луѓе, меѓутоа колку што може поопшто да важи за сите школи. Но имајте предвид дека јас поминав само низ апликативниот процес за Харвард, и повеќето со кои имам разговарано имаат исто така аплицирано за Ivy League школи, што значи дека можно е за некои други школи да е малку поразлично. Ви посакувам многу среќа во аплицирањето и да имаме што поквалитетно македонско присуство во САД, какви што се сите оние брилијантни луќе кои веќе ги запознав и кои некој ден можеби ќе бидат од непроценлива корист за оваа земја.

Thursday, August 23, 2012

Африка

Би требало да се извинам за тоа што го запоставив блогов во последниот месец и половина, особено затоа што е нов. Но имам убава причина за тоа: Кенија, Танзанија и Уганда. Поминав 3 недели во Кенија волонтирајќи во светата Каја Кинондо шума, проект под заштита на УНЕСКО, и уште 2 недели backpacking во Источна Африка. Имав и можност да работам во локалната селска банка, микрофинансиска институција што го промовира концептот на оддржливост со поддршка од World Wildlife Fund, што ми е важно и од академски аспект бидејќи се фокусирам на економија на развој (development) и меѓународна економија.
Не знам како би можел да ги опишам впечатоците за еден континент кој во Македонија речиси да не фигурира во јавната свест; за кој и покрај неколкуте прочитани книги, изгледни филмови, вести и документарци, искуства и луѓе кои ги запознав таму, се уште ми се чини дека знам толку малку, а има толку многу да се знае. Најблиску можам да го опишам со зборовите на Lance Morrow:
„Africa has a genious for extremes, for the beginning and the end. It seems simultaneously connected to some memory of Eden and to some foretaste of apocalypse. Nowhere is day more vivid or night darker. Nowhere are forests more luxuriant. Nowhere is there a continent more miserable."
Насмевките и еуфоријата на децата кои без разлика колку пати поминуваш покрај нивната куќа, секој пат се возбудени како да е прв: истрчуваат, извикуваат „Џамбо!„, те фаќаат за рака сакајќи да почуствуваат дали белата кожа е иста како и црната, и одат по тебе со босите ноџиња по калливата црвеникава земја... Непосредноста и отвореноста на луѓето на кои налетуваш во автобус и кои ти оставаат нивно „CV„ или телефонски број со ветување дека ќе останат во контакт... Повикот за рамазанска молитва веднаш после кој целото гратче се размрдува и сите се упатуваат во правецот на џамијата, или секоја недела преполните цркви со свечено дотерани верници од кои ечи преубава хорска и госпел музика ...Непрегледните рамнини на Серенгети каде хоризонтот се спојува со небото... Тоа се флешови од Африка кои ќе ми останат во сеќавање.
И сите оние работи на кои нема да се сеќавам како сум ги научил, но ќе ме променат како личност и моето разбирање за светот. Луѓето не се толку паметни колку што економистите претпоставуваат (rational expectations theory), но ниту се толку глупави колку што понекогаш мислат. Научив дека сиромашните можеби не знаат ништо за експоненцијалното сметање и каматите, но имаат инстинктивно разбирање за цените, ризиците и исплатливоста на бизнис-идеите. Економските неуспеси се многу повеќе резултат на лош дизајн и корупција на елитите, отколку на неспособноста на локалното население. Нема ништо подепресивно од тоа да после неколку разговори со новостекнатите пријатели, сиромаштијата за која сум читал стотици статистики наеднаш добива глас и приказна и емоционална тежина, а останува еднакво безизлезна како и пред разговорот. Сфаќаш дека сиромаштија не е само недостаток на пари и материјални добра, туку недостаток на опции во најопшта смисла на зборот. Но од таквите искуства излегуваш со ново разбирање, со восхит за оптимизмот со кој тие луѓе гледаат на животот и ново чувство на благодарност кон сето она што општествата во кои сме се родиле и живееме ни го овозможиле за да ни помогнат да станеме тоа што сме.


ПС: Бидејќи facebook ме принуди да ставам тајмлајн, сега може да бидете subscribers за полесно следење на блогот: http://www.facebook.com/goran.lazarevski

Социјални струења


По многу долго време во Македонија се случуваат социјални протести поради поскапувањето на струјата и парното. Сам по себе ова е важен настан што не би смеел да го одминам, но мислам дека ова не е некаков нов и неочекуван развој на настаните туку многу повеќе неизбежна последица на владината економска политика на осиромашување на се поголем слој на граѓани. Премиерот вчера на прес-конференција се обиде да се испере од одговорноста, но не знам кој друг би бил поодговорен за социјалната состојба во државата ако не тој.
На кратко кажано, Македонија е земја која понатаму увезува скапа енергија и тој увоз во иднина се очекува и понатаму да расте. Во 2011, 30.4% од вкупната потрошувачка на електрична енергија дошла од увоз за што сме платиле 161 милиони долари, според Регулаторната комисија, додека за задоволување на 46% од вкупните енергетски потреби (вклучително нафта) Македонија увезува во вредност од 650 милиони долари. 

Пораст на увозот на ел. енергија: За жал бројките од МЕПСО се до 2006 година, 
но споредбено се гледа дека увозот во 2011 е двојно поголем од тој во 2006.

Од друга страна, енергијата што неефикасно ја произведуваме ја продаваме за нереално ниски цени, кои се недоволни да обезбедат средства неопходни за проширување на енергетските капацитети. Заедно со Србија, плаќаме најевтина струја во цела Европа. И во двете држави струјата се уште се третира како социјална категорија, што од една страна го купува социјалниот мир, но од друга страна ја елиминира основната улога на цената во економијата – улогата на сигнал кој допринесува за оптимална распределба на ограничените енергетски и финансиски ресурси со кои располагаме. Со вештачки регулираната цена се создаваат нееднакви услови за компаниите со различна потрошувачка на енергија, се кочи развојот на регионалниот пазар, не се стимулира штедење на енергијата, и се задушуваат економските мотиви за инвестирање во енергетска ефикасност на долг рок, како од страна на потрошувачите (изолација), така и од производителите (обновливи извори, нови инвестиции). Поради овие нарушени incentives, Македонија и Србија се на самото европско дно според енергетската ефикасност (т.е. произведуваме најскапа енергија, која ја продаваме за најевтини цени). Како дел од преземените обврски за приближување кон ЕУ регулативата, цената на струјата до 2015 ќе мора да се искачи до пазарното ниво, а тоа подразбира цени во висина од 18 центи/kWh (просек за ЕУ,2011), наместо сегашните 6 центи/kWh, или поскапување од цели 200% во наредните 3 години. Најверојатно цената на струјата нема да се изедначи веднаш со европскиот просек и ќе продолжи и понатаму да биде субвенционирана од државата, но неизбежно е да се очекува значителен раст на цената на струјата од 50-150% во наредните неколку години. 
Цената на струјата во Европа за домаќинства во првата половина на 2011, 
споредено со сегашната поскапена цена во Македонија

Во услови на очекуван се поголем раст на побарувачката за енергија, за справување со енергетскиот проблем во земјава потребни се инвестиции во енергетско ефикасни проекти, но приватниот сектор не инвестира бидејќи струјата е регулирана под пазарното ниво (=главната причина поради која пропаѓаат тендерите за енергетските проекти), додека државата исто така не инвестира со години поради други „поважни„ приоритети. Единствениот покрупен енергетски проект во последните 6 години е ХЕЦ „Света Петка„ кој стартуваше со работа пред 3 недели, што ни оддалеку не може да ги задоволи потребите на македонската економија.
Факт е дека постојат моќни приватни интереси (ЕВН), но и партиски влијанија (преку државните ЕЛЕМ и Регулаторната Комисија за Енергетика) во чиј интерес е да бараат поскапување на струјата за да извлечат што поголем профит. Така на пример, безобразно е тоа што монополите ЕЛЕМ и ЕВН трошат пари за реклами и спонзорства, кои потоа влегуваат како „легитимен„ трошок за „производство и дистрибуција на струја„ кои граѓаните треба да ги покријат преку плаќање поскапи сметки. Но и покрај овие коруптивно-профитерски шеми кои придонесуваат за порастот на цената на енергијата, таа и понатаму е пониска одошто треба да биде. Но она што е исто така драматично пониско одошто треба да биде е животниот стандард на граѓаните и социјалниот колапс за кој веќе еднаш пишував. Поради тоа, социјалниот револт кој се јавува кај народот поради поскапувањето на цените и тоа како е легитимен, а начинот на кој премиерот се обидува да ја префрли одговорноста кај регулаторната комисија и тоа како не држи. Цените и платите се како две сечила од ножици. Ако регулаторната комисија го држи едното, тогаш премиерот го држи другото, а животниот стандард се крати благодарение на нивната заедничка интеракција.
Владата се обидува привремено да го купи социјалниот мир преку вештачко ниски цени на струјата, преку вештачко висока вредност на денарот, преку вештачко високи откупни цени на земјоделските производи и преку вештачко високо ниво на платите и вработените во државната администрација, но без реален економски развој ниту едно од четирите не е одджливо на долг рок, и кога тогаш ќе пукне, и нема да буде убава глетката. Да бидам јасен, не велам дека општеството треба да заборави на својата социјална одговорност кон сиромашните домаќинства, какви што се повеќе од 30% од сите домаќинства во земјата, и дека сите треба да плаќаат струја по пазарна цена; за овие луѓе треба да постојат посебни субвенции, какви што веќе се доделуваат преку Министерството за труд. Но ултимативно нема замена за вистински економски раст и развој. За жал се што македонските власти успеаа да постигнат со години наназад е само краткорочно да ги замаскираат и ублажат последиците на нивните политики: експлозија на социјалната нееднаквост, мизерна невработеност и економска стагнација без долгорочна визија за енергетска одджливост.


Monday, July 2, 2012

Големиот високообразовен меур

Во последниве 7 години, по либерализацијата на образовниот систем во Македонија, дисперзираните студии, отворањето на голем број приватни универзитети и имплементацијата на Болоњскиот систем, можностите за студирање се проширија како никогаш до сега. Високото образование според престижот станува она што некогаш беше средното. И додека некои во овој процес го гледаат образовното издигнување на нацијата, други истото го интепретираат како спуштање на нивото на квалитет со цел деелитизација на општеството во кое еден ден сите ќе имаат факултетска диплома.
Вистината е некаде помеѓу, и за да ги одвоиме фактите од митовите и политичките предрасуди, неопходно е да се позанимаваме со малку статистика. Неоспорен факт е дека бројот на студенти во високото образование енормно е зголемен (види график).

Историски тренд на бројот на дипломирани студенти 
во Македонија 1990-2010, Државен завод за статистика.

Така на пример, во академската 2009/2010 дури 70% од завршените среднисти се запишале на факултет. Иако оваа е рекордна бројка во македонската историја, со неа само почнуваме да се доближуваме до останатите развиени земји како САД каде 73% од вкупниот број млади (а не само од оние кои матурирале) се опфатени во високото образование, наспроти 24% во Македонија. Оттука инстинктивно е за неупатените да помислат дека Македонија е на добар пат да ги достигне западните стандарди штом толкав голем број ученици одлучуваат да го продолжат школувањето. Образовната политика на Владата имено се базираше токму на ова согледување: мислејќи дека доколку бројот на високообразовани кадри во земјата достигне такви размери, тоа ќе донесе странски инвестиции во секторите кои имаат повисока профитабилност и за кои е неопходна работна сила со вештини и знаења. Но во економијата постои еден принцип познат како законот на Гудхарт кој гласи:
„Кога некој мерлив индикатор ќе стане цел на одредена економска политика, тогаш тој престанува да биде добар индикатор за она што всушност треба да го мери.„
Така, доколку во нормални услови бројот на високообразовани кадри е индикатор за квалитетот на работната сила и вештините кои таа ги поседува, во оној момент кога власта ќе си постави цел сама по себе да го напумпа тој процент, тогаш таа бројка губи секакво значење кое евентуално го поседува и квалитетот повеќе не соодветствува со статистиката. Значи вистинското прашање не е колку студенти дипломираат во Македонија, туку што можат тие да направат со таа диплома.

Цената на образованието
Кога економистите ја мерат цената на нешто, тоа не ја вклучува само вредноста во пари која ја плаќаме, туку и вредноста на втората најдобра опција која не ја избираме т.н. opportunity cost. (дигресија со еден виц: како ќе зезнете економист? -Со тоа што наместо еден, ќе му понудите да избира помеѓу два идентични сникерса. :) Да земеме за пример колку чини една диплома на приватен универзитет? Тука спаѓа школарината која ја плаќаме во текот на 4 години (4*2,000=8,000 евра), но и цената на пропуштената плата која нема да ја примате за тие 4 години (4*12*350=16,800 евра), севкупно околу 25,000 евра. Скапо малку?
Да видиме колку добиваме за возврат од истата таа генеричка диплома. Еден индикатор е разликата во платите помеѓу оние со средно и оние со високо образование, но тука постои добро познат bias (грешка) при ваквите споредби, бидејќи поспособните ученици кои и без диплома би заработувале повеќе се токму оние кои запишуваат факултет. Наместо тоа можеме да ги споредиме стапките на невработеност кај двете групи, и доколку дипломата е исплатлива инвестиција тогаш несомнено би требало кај факултетски образованите да има помала стапка на невработеност. На прва, статистиката токму тоа и го покажува:
Извор: Државен завод за статистика, Анкета за работна сила, 2010

Но доколку ги погледнеме статистиките само за возрасната група која беше зафатена од либерализацијата во високото образование, излегува сосема поинаква слика:
Извор: Државен завод за статистика, Анкета за работна сила, 2010

Парадоксално, процентот на невработени млади (меѓу оние што бараат или имаат работа т.е. активното население) е поголем меѓу дипломираните „академици„ отколку меѓу среднистите, па дури нема ниту голема разлика споредено со оние со основно или без никакво образование. Прашање за милион долари е како успеа оваа држава во последниве 10 години да создаде образовен систем кој инвестира грдни пари во образување на интелектуална елита, за потоа истата таа да биде помалку корисна за стопанството отколку пред нејзината „наобразба„. И зошто истиот тој систем вложува во човечки ресурси кои потоа нема никаква намера да ги користи?

Ефектот „мамино синче„  
Пред да го одговориме милионското прашање, морам да нагласам што овие бројки НЕ значат. Тие не значат дека дипломите од сите факултети се бескорисни и дека треба да го напуштите факултетот за да барате вработување веднаш. Сосема е можно некои факултети да нудат (и нудат) солидни услови и вистински знаења, но таквите поединечни случаи не можат да дојдат до израз во статистика базирана на просеци. Исто така, немаме информација за оние студенти кои се вработуваат и кои сосема е можно да земаат плата значително поголема од просекот, но дури и тоа не ги оправдува рекордните стапки невработеност кај младите со кои Македонија држи уште еден неславен европски рекорд (заедно со Босна).
Постојат две објаснувања за енормната невработеност кај младите. Едното е дека пазарот на работна сила е престрого регулиран, па поради тоа работодавачите се „заглавени„ со понеквалитетни постари кадри кои не им се исплати да ги сменат за помлади и пообразовани поради пеналите вклучени во работните договори. Другото објаснуање е дека квалитетот на младите кадри е лош и дека работодавачите преферираат да ги задржат поискусните кадри отколку да ризикуваат со новите. Во Македонија со донесувањето на Законот за работни односи од 2005 се овозможи поголема флексибилност и како последица на тоа процентот на невработеност кај младите почна полека да се намалува. Но и покрај овој тренд, невработеноста е преголема за да се објасни само на таа база.
Тоа значи дека лошиот квалитет на просечниот кадар кој излегува од универзитетите е факт со кој треба да се соочиме. Ова го потврдува и парадоксот што го спомнав погоре: дека младиот среднист денес има поголема шанса за вработување отколку оној со факултет. Овој парадокс до некаде може да се објасни преку феноменот на „мамини синчиња„ - млади кои уживаат во студентските денови трошејќи ги парите на родителите, а по дипломирањето одбиваат секаква работа која не им е по струка како „испод чест„, на тој начин продолжувајќи го студентскиот живот како невработени.

Цената на изгубената надеж
Невработеноста кај младите не е само статистички куриозитет базиран на возраста на испитаниците. Таа треба да се сфати како економска рак рана која метастазира од ден во ден. Неискористените човечки ресурси ја чинат Македонија милјарди долари секоја година. Но човечкиот капитал не е само средство за економско производство, туку тоа се и надежи за сигурна иднина, верба вложена во општеството и верба вложена во себе. Кога ќе им оневозможите на мнозинството млади луѓе да создаваат за себе и за државата, вие создавате изгубена генрација, која своите најдобри и најкреативни години ги поминува лута и огорчена на системот. Создавате генерација која станува оттуѓена, цинична, депресивна, склона кон криминал, со изместен систем на вредности, која сака да ја напушти државата и која таа горчина некој ден ќе ја пренесе и на своите деца, и мислам дека токму ваква една младина нашата власт помогна да се создаде.  

Дувањето на меурот
Економистите велат дека се создава меур кога пазарот масовно инвестира во некоја технологија надевајќи се дека е исплатлива на долг рок, но всушност се работи за неоправдан оптизмизам, за т.н. herding (менталитет на стадото) и на крајот кога меурот ќе пукне сите сфаќаат дека инвестицијата всушност била промашај, настанува вишок капацитет и паѓа цената. Ако заклучиме од изнесените податоци дека инвестирањето во високото образование има карактеристики на меур, сепак од позиција на либерални принципи секој има право да избере да вложува во својата иднина онака како што мисли дека е најдобро за него, дури и кога се работи за исклучиво лоша инвестиција. Во оваа смисла беше добредојдена либерализацијата во високото образование, зголемената конкуренција и поголемиот број можности што таа ги нуди.


Но дури и ако настапиме од оваа радикално либерална позиција, не може да се негира улогата на власта во стимулирањето на овој меур со цел зголемување на процентот високообразовани кадри. Преку екстремно ниските критериуми за акредитација на приватни универзитети и отварањето на државни универзитети без адекватна опременост (Штипскиот, Охридскиот, Тетовскиот) власта свесно го помогна намалувањето на квалитетот на високото образование, надевајќи се на зголемување на квантитетот за возврат. Но влошувањето на квалитетот е и цел сама по себе која произлегува од толку суштинскиот проект на владејачката коалиција да создаде дисциплинирано гласачко тело, а не индивидуи кои мислат и критички проценуваат.  Вулгарната партизираност на високообразовната политика го доведе квалитетот на некои дипломи до ниво на тоалетна хартија. Така, не е тајна дека Европскиот Универзитет функционира де факто како партиска институција чија цел е експресно да дипломира партиски кадри за државните институции кои на друго место не би поминале ниту еден испит. Доктор Латас и магистерот Урко се најпроминентните примери од оваа високообразовна институција, заедно со онаа карикатура од претседател Бојо со сомнителни акредитации и биографија. Тетовскиот Универзитет е приказна сама за себе и ниту сме запознаени добро со сите партиски војни кои се водат таму. Скандалот со Информатичкиот универзитет во Охрид кога неколку странски професори ја обвинија управата за плагијат докторски, партизираност, авторитарност и најавија тужби, само за кратко го доведе проблемот со плагијатите на виделина, но воопшто не е случајно што никој не одговараше за тоа. Плагијати дисертации, препишани магистерски, нарачани дипломски постојат не поради превид, туку како цел сама за себе на образовната политика, бидејќи токму тие се клучни да се одржи партиско-интелектуалната елита која системот има за задача да ја продуцира. И колку повеќе власта го дува меурот на високото образование, толку повеќе се дуваат лажните надежи на студентите, толку поголемо ќе биде нивното разочарување и цената што како општество ќе треба да ја платиме кога тој меур неизбежно ќе пукне. Се надеваме само дека на студентите ќе им пукне порано од политиката на власта, за доброто на сите.