На 24 октомври минатата година отидов до Зукоти Парк во downtown Менхетен за со свои очи да го искусам Occupy Wall Street движењето што инспирираше масовни протести насекаде низ светот против нееднаквоста и разузданоста на финансискиот сектор, кои точно беа идентификувани како главните причини за финансиската криза во 2008 и веднаш потоа рецесијата во која западнаа најразвиените западни економии. Во САД, дури 70% од вкупното зголемување на платите во 80-те отиде на контото кај најбогатите сега веќе фамозни 1% од вкупната популација. Но и во овие 1% постои драматична нееднаквост каде најбогатите 0.01% заработуваат 5% од вкупниот БДП на САД. Зголемувањето на нееднаквоста во САД е видливо и според растот на Џини индексот од 38.6 (во 1968 година) на 46.8 (2009), кој се користи како главен индикатор за нееднаквоста на примањата во една држава.
Но додека во САД постојат безброј индикатори преку кои може да се проследи растот на нееднаквоста, во Македонија ниту една институција не води никаква евиденција за социјалната нееднаковст, или доколку води, тогаш добро се потрудиле да ги сокријат резултатите од јавноста. Такви информации на вебсајтот на Заводот за статистика нема да најдете. А тоа што не е видливо, не постои, па ниту може да биде тема на политичка расправа. Но една таква расправа и те како е релевантна бидејќи прецизно го доловува поширокиот контекст на социјалната деградација во Македонија со години наназад.
Зошто е нееднаквоста важна?
Одреден степен на нееднаковост е неопходен за секоја економија, бидејќи униформноста по правило ги уништува мотивацијата за успех и економскиот динамизам. Но после одредено ниво, нееднаквоста станува терет за економијата поради чисто економски, вклучително и социјални причини. Нееднаквоста во примањата најчесто не е проста рефлексија на нееднаков придонес кон производниот процес. Дури и кога пазарот е целосно слободен, постојат голем број на т.н. market failures (кои се должат на мноштво фактори како на пример неможноста стопроцентно да се следи трудот на работникот откако е најмен, и многу други бихејворалистички и contracting ефекти, но за тоа во друга прилика): Таквите market failures овозможуваат да настане неправедна распределба на приходите која не соодветствува со реалниот придонес и труд. Нееднаквоста на примањата доведува до нееднаквост на можностите за личен развој и напредок, до нееднакви права и слободи, и сето тоа е многу поизразено во правно квази-функционални општества како македонското. Нееднаквоста во примањата е трагична бидејќи се пренесува од генерација на генерација; со тоа трајно се осакатува огромен човечки потенцијал на кој никогаш нема да му биде дадена шанса да се развие и да допринесе за севкупниот развој. И како трета причина, нееднаквоста е погубна и по квалитетот на демократијата која ја практицираме, бидејќи сиромашни и слабо информирани граѓани се подложни на манипулација, тоа влијае и на квалитет на политичкиот дискурс, а со тоа и на целокупниот културен и интелектуален развој на едно општество.
Нееднаквоста во Македонија
Иако институциите во Македонија јавно не говорат за растечката социјална нееднаквост, Светската Банка повремено издава процени на Џини индексот за Македонија. Просто кажано, Џини индексот е бројка базирана чисто на распределбата (а не и на висината) на годишните примања во една земја која варира од 0 до 100, каде 0 означува максимална еднаквост (сите добиваат исто), а 100 е максимална нееднаквост (1 човек добива се, а остатокот ништо). Нееднаквоста во Македонија задниве 15 години доживува експлозија, која достигнува темпо и размери што ја засенуваат дури и таа во САД. За само 10 години, од 1998 до 2008, Џини индексот се искачи од 28 на 44, со што Македонија практично премина од групата на европски земји во групата на земји од Супсахарска Африка според степенот на нееднаквост. Најдраматичен пораст на Џини индексот се забележува во периодите 1998-2002 и 2005-2008 (види график). Со најскорешниот проценет индекс од 43.7 (2009), Македонија го држи првото место според нееднаквост во цела Европа, вклучувајќи ги и останатите Балкански држави кандидати за членство во ЕУ, и е далеку над европскиот просек од 30.5. Всушност нашиот индекс е идентичен со просекот на земјите од Супсахарска Африка, каде невидена сиромаштија егзистира рамо до рамо со палатите на мала привилегирана политичка и бизнис елита. САД се единствената индустриски високо развиена земја со огромна нееднаквост од тој размер. Но Македонија не е САД. Доколку таму порастот на нееднаквоста е резултат на екцесите на финансиската и бизнис елита и доколку и осиромашениот слој граѓани може да си приушти пристојни услови за живот, Македонија е истовремено и една од трите најсиромашни земји во Европа, и тука последиците на нееднаквоста се многу поблиску до оние во земјите од Супсахарска Африка отколку до тие во САД.
Извор: The World Bank, Eurostat.
Окупирајте ја Илинденска
Тоа што се случува на планот на социјалната еднаквост во Македонија во последните 15 години најпрецизно може да се опише како цивилизациски регрес. Доколку пред 15 години Македонија на планот на социјален развој беше на ниво споредливо со останатите европски држави, денес веќе сме во клубот на земји од Супсахарска Африка. Кон социјалната деградација придонесува и стагнацијата во јавното здраство, деградацијата на јавното образование, како и институционалната нееднаквост (партизираноста на институциите). Но најпоразувачки од се е како ова социјално разградување без преседан се спроведе речиси бесшумно во држава која уставно се декларира себеси за социјална: без ниту еден поголем синдикален, студентски или граѓански протест мотивиран од тие причини. Зафатени со секогаш поважните политички и идентитетски прашања, Македонците се чини не забележаа како социјалната држава им се распаѓа пред очи, и како една мала политичка и бизнис елита се збогати за сметка на големото мнозинство невработени и осиромашени граѓани. Наместо да ја окупираат Илинденска години пред нив, македонските граѓани гледаа како Американците го окупираат Вол Стрит и шеруваа странски написи и слогани на фејсбук, небаре истото само 5 пати полошо не им се случува дома. Индексите и статистиките за кои зборував погоре се само бездушни бројки, но тоа се сепак бројки кои одразуваат нечии човечки судбини. Политичката левица која случајно или не, беше и се уште е во опозиција додека се случува најдраматичниот раст на социјалната нееднаквост во историјата на оваа држава, и понатаму не умее да ги артикулира овие бројки во јазик кој граѓаните ќе можат да го разберат и во него да ги препознаат своите секојдневни битки за опстанок и загубени надежи за иднина која нуди еднакви шанси за сите.
ReplyDeleteЗаемот нуди 2% камата
Ако ви треба финансиска помош, не двоумете се да не контактирате. Можете да добиете заем во опсег од 2.000 € до 1.000.000 € на многу поволни услови во целокупната законитост и сигурност. За да дознаете повеќе за финансиските аранжмани, ве молиме контактирајте не преку е-пошта. E-mail: marcuford@gmail.com