Tuesday, May 22, 2012

Грчка трагедија и македонска мелодрама

Последниот чин
Земјата што се смета за лулка на европската демократија набргу може да стане кофчег на европската економија. Грчката економија уште од почетокот на кризата е во слободен пад: во последните два квартала грчкото БДП се намали за 7.5% односно 6.2% во однос на истиот период претходната година, невработеноста вртоглаво расте достигајќи 22% во февруари, а долгот постојано и забрзано се зголемува (за 30 милијарди евра годишно). Значи Грција не го отплаќа својот долг, туку уште повеќе се задолжува за да враќа камати кои и понатаму растат, а од друга страна платите кои треба да се оданочат за да се враќа долгот се смалуваат поради наметнатите кратења на буџетот. Во вакви услови, грчкиот банкрот веќе не е прашање на веројатност дали ќе се случи или не, туку е прашање на време, освен ако во меѓувреме не се променат математичките закони. Во последниов месец се случија два настани кои навестуваат дека можеби само неколку месеци не делат од апокалиптичната разврска на оваа грчка трагедија.

Првиот се секако изборите: грчкиот народ се изјасни дека мерките за кастрење на буџетот кои им ги наметна ЕУ имаат преголема цена во човечки судбини која Грците не се спремни да ја платат. Двете доминантни партии ПАСОК и Неа Демократиа кои единствено беа согласни да ја спроведуваат политиката на ЕУ не добија доволно гласови за да можат да формираат широка коалиција и покрај масивниот бонус од 50 пратеници кој грчкиот изборен модел и го доделува на прворангираната партија. Предвидени се нови избори за јуни, но дури и да успеат мејнстрим партиите да формираат влада, јасно е дека социјалниот притисок само ќе расте и дека банкротот со оваа фискална политика е математичка и економска нужност. Но сега условите се и битно сменети. Соочена со гневот на грчката јавност, Меркел веќе почна да мавфта со морковот најавувајќи олеснување на мерките за штедење и мини-стимулус пакет за грчката економија. Освен што ја покажува шизофреничната политика на ЕУ, односно немањето јасен политички курс, овие најнови ветувања се во најдобар случај недоволни сами по себе да се врати грчката економија на оддржлива патека, а во најлош - обичен блеф, кој ќе трае до моментот кога ќе биде формирана новата грчка влада по желба на ЕУ, ако воопшто до тоа дојде.
Вториот момент е тоа што Грција со форсираните кратења на буџетот и отпуштања полека успева да излезе од примарниот дефицит во кој сега се наоѓа. Примарен дефицит значи дека дури и кога државата не би ја отплаќала каматата на моменталниот долг, таа се уште троши повеќе отколку што собира од даночни приходи. Инаку Грците моментално плаќаат неодржливи 6.8% од вкупниот БДП во камати(!). Примарниот дефицит е опасен бидејќи во случај на банкрот ја приморува земјата да прави непредвидливи кратења на суштински буџетски трошоци поради недостаток на пари (бидејќи веќе нема да може да позајмува). Значи моментот кога Грција ќе излезе од примарен дефицит, опцијата банкрот ќе биде и технички полесно изводлива.

Што откако Грција ќе прогласи банкрот
Финансиските пазари се пазари базирани на доверба. Во моментот кога Грција ќе прогласи банкрот, инвеститорите ќе се уверат дека Европската Централна Банка (ЕЦБ) не сака да го гарантира долгот на земјите членки и ќе настане финансиска паника во моментално најзадолжените земји (Португалија, Шпанија, Италија). Инвеститорите ќе почнат да ги повлекуваат парите од банките додека истите не банкротираат или не воведат рестрикции, а каматите на долгот на овие земји ќе скокнат. Но ако Грција и Португалија може да бидат жртвувани и штетите да бидат апсорбирани од системот, Шпанија и Италија се сепак преголем залак за еврозоната. Европските банки кои имаат капитал во форма на шпански, италијански и грчки обврзници ќе банкротираат кога сиот тој капитал ќе исчезне преку ноќ во случај на банкрот на овие земји. Финансискиот систем ќе биде во тотален крах, еврозоната ќе се распадне, а европскиот проект ќе го доживее најсилниот удар во својата историја. Стравот од ваквото можно контаминирање на пазарите е тоа што ја прави Грција во овој момент многу важен играч и поради кој Меркел и Оланд се двоумат помеѓу моркови и стапови. Стапот, од друга страна, е Грција да биде исклучена од еврозоната, исклучена од финансиските пазари, заглавена во долги судски процеси за реструктуирање на долгот, како и дипломатски маргинализирана. Од друга страна, доколку новата грчка влада соработува со ЕУ, можно е да се договори за излегување од еврозоната и/или делумно отпишување на долгот, но и во тој случај за да функционира новото решение потребни се драстични "haircuts" (взаемно „доброволно„ договорени намалувања на долгот помеѓу грчката влада и инвеститорите).

The bodycount
Хепиенд за Грција не може да има. Прашање е само колку страдање ќе мора да се нанесе на европските граѓани пред европските елити да бидат присилени да го променат курсот. Доколку новата грчка влада продолжи со мерките за „штедење„ мизеријата им е загарантирана во наредната декада. Ниту една земја во историјата не успеала да се извлече од економска депресија со мерки за штедење. Помалку лошата алтернатива е Грција да излезе од еврозоната, да ја воведе драхмата и да ја девалуира новата валута во однос на еврото. На тој начин грчките услуги ќе станат покомпетитивни (цените за одмор во Грција ќе паднат до 50% според некои процени), што ќе придонесе да се ревитализира економијата и да се намали невработеноста. Секако увозот ќе стане поскап, и во тој случај земјата не би смеела да западне во буџетски дефицит, бидејќи ќе нема начин да го финансира, но патот за опоравување ќе биде трасиран. На грчка страна е и тоа што финансиските пазари се ирационални и се чини имаат кратко паметње: во многу случаи земјите кои банкротираат се враќаат на финансиските пазари во рекорден рок (2-4 години) и позајмуваат по разумни камати.
ЕЦБ од своја страна би требала цврсто да застане како гарант зад депозитите во шпанските и италијанските банки во случај на финансиска паника, што значи дека би морала да обезбеди пари за сите евентуални побарувања од граѓаните. ЕЦБ не сака тоа да го направи бидејќи тоа би значело пренасочување финансиски средства од поголемите земји кон европската периферија и зголемување на инфлационите притисоци, на што најмногу се противи Германија. Мандатот на ЕЦБ е да одржува инфлација од 2% и секое отстапување од тоа мора да биде одобрено од владите на земјите членки, вклучително Германија. Оланд се чини нема цврст став по ова прашање. И така судбината на Европа се наоѓа на крстопат водена од неспособни елити без политичка храброст и мудрост да учат од историјата.

Македонската мелодрама
Македонското политичко водство не успеа навреме да ги разбере влоговите во европската покер-партија и да се позиционира во склад со македонскиот национален интерес. Доколку грчката ситуација наликува на класична грчка трагедија, бидејќи пророчиштето веќе им ја соопштило на Грците судбината одредена од боговите во Брисел и Атина, и колку и тие да се борат против тоа, трагичната судбина мора да се исполни; тогаш македонската ситуација наликува на мелодрама: вештачки карактери, патетични емоции, пресилен драматизам 'and a whole lotta кич'. Македонскиот премиер во манир на херој од индиска мелодрама кука и плаче. Но и ќе изјави:
Главниот виновник за нашето не влегување во НАТО има свое име, и се вика Грција. Недвосмислено, тоа е земја која во последните две децении со сите сили го кочи нашиот развој и напредок, вложува огромни ресурси во тоа, троши огромен политички кредит, и прашањето со нас го користи, пред се, во внатрешно-политички цели и популистичка пропаганда.„
Груевски е премногу во право. Грција навистина го истроши својот политички кредит со лажни статистики, расипничко трошење со кое ја доведоа целата европска економија до работ на колапс, политички обструкции во однос на Македонија и Кипар, пасив-агресив анти-американизам, и конечно, кога веќе и банкротот е на повидок, ќе мора да се соочи со одмаздољубивоста на моќни финансиски интереси кои никогаш повторно нема да ги видат своите пари вложени во грчкото стопанство. Но за тоа време, и Македонија го истроши својот политички кредит гушејќи ја слободата на медиумите и загрозувајќи ја демократијата и владеењето на правото; исто така политички инструираното карикирање и силување на сопствената историја и култура, тотално нетактичкото прекрстување на аеродромот, автопатот, како и подигнувањето на „огромниот среден прст за Грција„ сред главниот плоштад (го цитирам министерот за надворешни). Сведок бев како македонскиот амбасадор во САД ги „брани„ македонските позиции во спорот со Грција пред американски професори со класични аргументи кои можете да ги чуете од Латас на Сител, теории кои со тотално анахрони за секој високо-образуван Американец. Македонските власти наместо легалистичка, одбраа погрешна стратегија базирана на етно-центризам и историски ревизионизам и со тоа не успеаа да ја искористат историската шанса да ја притиснат Грција во моментот кога нејзиниот углед во светски рамки го дистигнува историското дно. Одговорноста за тоа не може да е колективна, туку ќе мора некој ден да ја понесат Груевски и неговите идеолози. Во меѓувреме, сите се навлечени на мелодрами.

3 comments:

  1. Фантастично напишано! Јас имам едно прашање.

    Која конкретна мерка според тебе можеа да ја преземат македонските власти за да ја притиснат Грција и со тоа да го сменат моменталниот исход од настаните, односно тврдиот грчки став?
    Овде не мислам на тоа што направиле погрешно (етноцентризам, нетактичност итн), туку што можеше да се направи правилно и денеска да бевме членка на ЕУ и НАТО, без притоа да го смениме името?

    Имам впечаток дека Грците имаат целосно обединет став по прашањето за Македонија и дека не постои начин тој да се смени.

    ReplyDelete
  2. "Овде не мислам на тоа што направиле погрешно (етноцентризам, нетактичност итн), туку што можеше да се направи правилно и денеска да бевме членка на ЕУ и НАТО, без притоа да го смениме името?"

    -Не може со сигурност да се тврди дека доколку се водеше поинаква политика денес ќе бевме во НАТО и ЕУ, но речиси сигурно Македонија можеше да изгради многу поповолна позиција во однос на Грција и оттука да створи услови за притисок врз Грција од страна на ЕУ и САД. Евентуален унилатерален грчки банкрот би значел и дипломатска маргинализација на земјата, но ние нема да извлечеме никаква полза од тоа бидејќи и самите сме дипломатски маргинализирани.
    Решението на проблемот нема да биде никогаш „заемно прифатливо„, туку ќе настане во оној момент кога политички неприфатливото ќе стане политички неопходно за едната и/или другата страна. Поради тоа, флексибилноста на Грција зависи од опциите кои ги имаат, а не само од нивните желби.
    Како што спомнав, потребен беше еден строго легалистички приод кон проблемот - и на ниво на аргументација (инсистирање на меѓународното право и правото на самоопределување, кое е вградено во традицијата на западните демократии, наместо на анахрони и фашизоидни blut und boden теории), и на ниво на акција. Во оваа смисла, добар потег беше тужбата во Хаг за прекршување на Привремената спогодба, но (веројатно) постојат и други канали преку кои може да се дејствува: http://arhiva.radioilinden.com.au/index.php?option=com_content&view=article&id=192:-exclusive-interview-with-profdr-igor-janev&catid=37:zaednica&Itemid=57
    И сето тоа да биде поддржано со агилна и добро поткована дипломатија, а не со партиски дипломати, штетна идеологија и патосот на државното водство. За жал, со тоа што Македонија успеа да се маргинализира самата себеси, максимално се стесни и просторот за правни маневри.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Единствено нешто што некако ќе ни дадеше шанса за во ЕУ е тоа да ја изземат Грција од заедницата поради расипништво, лажирање и неодговорност кон добиените пари. Сепак тоа не знам ни колку е теоретски изводливо, но доколку се случеше, ќе го заобиколевме грчкото вето и ќе станевме дел од ЕУ.
      Но Европа никогаш не била „фер“ кон Македонија, ова не е ништо ново во нејзината историја.

      Delete