Thursday, October 10, 2013

Статистичката дубара околу невработеноста

Уште во јуни владините мегафони триумфално објавија дека невработеноста за прв пат во повеќе од 15 години паднала под „психолошката граница од 30%„, со што Македонија и понатаму го задржува приматот на десеткратен европски шампион по невработеност. Овој неверојатно позитивен развој на економијата, чии благодети сите ги чувствуваме, вицепремиерот побрза да го препише на економските политики на Владата кои резултираа со најниските даноци и најниското ниво на странски инвестиции во Европа. Ивона се обидува да ни ја дообјасни логиката на апсурдот со тоа што посочува дека Македонија е истовремено трета економија по раст во Европа, иако 2012 ја завршивме со пониско БДП отколку 2008-та. И најново денес, лично Ж ни соопшти дека невработнеоста била всушност 25% (што е ноторна лага бидејќи официјалната стапка е 28.8%). Некои други сејачи на магла се занимаваат со утврдување на „вистинската стапка на невработеност„ која била всушност 12% бидејќи луѓето „бараaт работа а молат бога да не ја најдат„ (sic(k)!). Нобеловата за економија се уште не e доделена годинава, па Комитетот во Осло би можел да размисли да му ја додели на Владата на Никола Груевски затоа што успеаа во земја која е во економска стагнација и со најниско ниво на инвестиции да ја намалат невработеноста за 8% и истоврмено да ги зголемат платите и пензиите. Тоа се вика економски гениј, прилепска школа.


Бидејќи секако ретко кој верува на ваквата економска алхемија, се појавија едно чудо шпекулации зошто невработеноста привидно се намалува. Опозицијата проблемот го бараше во бришењето на невработени од Агенцијата за вработување, што е елементарно непознавање, бидејќи статистиката за невработеност ја подготвува Заводот за статистика врз база на Анкетата за работната сила* која ја врши врз репрезентативен примерок. И потоа тие стапки на активност, невработеност и работоспособност ги пренесува на процените за вкупното население во земјата. Пратите добро? Дубарата е во тоа што никој не знае колку точно луѓе има во Македонија, бидејќи од 2002 па наваму Владата одбива да спроведе попис, веројатно од страв дека бројките во поим ќе ја убијат економската идила која таа се обидува да ни ја прикаже. Со слична инсајдерска информација за демографскиот егзодус на македонските граѓани деновиве излезе и Стево Пендаровски. Пред некое време и Еуростат објави статистика дека во изминатите 13 години од Македонија си заминале 230,000 граѓани кои имаат регулиран престој во странство, и никој не знае уште колку ги има со нерегулиран. Ова е мошне сериозна бројка која претежно не влегува во пресметките на Заводот за статистика за процена на населението, бидејќи тие ги вклучуваат само оние граѓани кои пред да ја напуштат државата најуредно во МВР го пријавуваат отселувањето. Без попис, никој не може да знае колку граѓани навистина живеат во земјава.

Тогаш ајде да направиме една мала показна вежба: Што би било доколку наместо официјално проценетите 2,061,000 луѓе во Македонија, претпоставиме дека во неа навистина живеат 1,831,000 колку што би добиле доколку ги одземеме овие 230,000 кои ја напуштиле државата со регулиран престој. Дел од нив се регистрирани во проценките на Заводот, но оние пак кои нелегално работат во странство воопшто не фигурираат, така што 1,830,000 луѓе не е нерзаумна проценка. Применувајќи ги моменталните стапки на активност и вработеност врз оваа бројка, излегува дека во Македонија во 2013 има 603,270 вработени. Во 2002, последниот пат кога беше спроведен пописот, имало со сигурност 599,308 вработени. Тоа значи дека за 11 години во земјава се создале вкупно 4,000 нови работни места, или околу 360 нови работни места годишно. Е оваа динамика веќе има совршена економска логика за земја која се наоѓа во економска, политичка и морална стагнација.

За крај, и еден експертски совет до Владата на Груевски: За да ја сведете невработеноста под „психолошката граница од 20%„ се што треба да направите е да натерате уште 100,000 млади да ја напуштат државата. Односно ништо не мора да правите: седете така. Со вашите политики успехот во справувањето со невработеноста е просто неизбежен.


* Значи се работи за анонимна анкета, а не за никаква евиденција, така што и оние кои работат на црно а не се пријавени, и земјоделците, и неплатените семејни работници се бројат според методологијата како вработени, доколку така се изјасниле.