Бидејќи секако ретко кој верува на ваквата економска алхемија, се појавија едно чудо шпекулации зошто невработеноста привидно се намалува. Опозицијата проблемот го бараше во бришењето на невработени од Агенцијата за вработување, што е елементарно непознавање, бидејќи статистиката за невработеност ја подготвува Заводот за статистика врз база на Анкетата за работната сила* која ја врши врз репрезентативен примерок. И потоа тие стапки на активност, невработеност и работоспособност ги пренесува на процените за вкупното население во земјата. Пратите добро? Дубарата е во тоа што никој не знае колку точно луѓе има во Македонија, бидејќи од 2002 па наваму Владата одбива да спроведе попис, веројатно од страв дека бројките во поим ќе ја убијат економската идила која таа се обидува да ни ја прикаже. Со слична инсајдерска информација за демографскиот егзодус на македонските граѓани деновиве излезе и Стево Пендаровски. Пред некое време и Еуростат објави статистика дека во изминатите 13 години од Македонија си заминале 230,000 граѓани кои имаат регулиран престој во странство, и никој не знае уште колку ги има со нерегулиран. Ова е мошне сериозна бројка која претежно не влегува во пресметките на Заводот за статистика за процена на населението, бидејќи тие ги вклучуваат само оние граѓани кои пред да ја напуштат државата најуредно во МВР го пријавуваат отселувањето. Без попис, никој не може да знае колку граѓани навистина живеат во земјава.
Тогаш ајде да направиме една мала показна вежба: Што би било доколку наместо официјално проценетите 2,061,000 луѓе во Македонија, претпоставиме дека во неа навистина живеат 1,831,000 колку што би добиле доколку ги одземеме овие 230,000 кои ја напуштиле државата со регулиран престој. Дел од нив се регистрирани во проценките на Заводот, но оние пак кои нелегално работат во странство воопшто не фигурираат, така што 1,830,000 луѓе не е нерзаумна проценка. Применувајќи ги моменталните стапки на активност и вработеност врз оваа бројка, излегува дека во Македонија во 2013 има 603,270 вработени. Во 2002, последниот пат кога беше спроведен пописот, имало со сигурност 599,308 вработени. Тоа значи дека за 11 години во земјава се создале вкупно 4,000 нови работни места, или околу 360 нови работни места годишно. Е оваа динамика веќе има совршена економска логика за земја која се наоѓа во економска, политичка и морална стагнација.
За крај, и еден експертски совет до Владата на Груевски: За да ја сведете невработеноста под „психолошката граница од 20%„ се што треба да направите е да натерате уште 100,000 млади да ја напуштат државата. Односно ништо не мора да правите: седете така. Со вашите политики успехот во справувањето со невработеноста е просто неизбежен.
* Значи се работи за анонимна анкета, а не за никаква евиденција, така што и оние кои работат на црно а не се пријавени, и земјоделците, и неплатените семејни работници се бројат според методологијата како вработени, доколку така се изјасниле.
Можеш да ги покажеш подетално пресметките?
ReplyDelete... Глупости!!!! ... Бројот на невработени лица не се пресметува преку бројката на вкупно население, и воопшто не зависи од било каков попис, или вкупен број на население. Процентот на невработеност зависи од вкупниот број на активно население во една држава. Вкупниот број на активно население се одредува преку посебна статистичка операција која се одвива квартално, или годишно, наречена АНКЕТА НА РАБОТНА СИЛА (и не зависи од попис), тоа е стандард на Еуростат и Светска Банка. И бројот на невработени не е административна операција, и податоците од Агенцијата за невработени лица не се земаат за официјални (без разлика дали некој бара или не бара работа). Единствено е релевантна АНКЕТА НА РАБОТНА СИЛА која редовно ја прави Заводот за статистика... Број на активно население во 2005 (832 818, стапка на невработеност 38,6%)... Број на активно население во 2013 (952327 активно, стапка на невработеност 28,8%) ... Значи имаме зголемување на активното населени за 119509, и намалување на невработеноста ...
ReplyDeleteСекоја анкета АПСОЛУТНО зависи од пописот на население! Како инаку се дефинраат пондерите кои треба резултатите од анкетата да ги „подигнат“ на ниво на целата популација?! Во секоја анкета што се однесува на поединци и домаќинства, вклучително и АРС, рамка за избор и официјална административна база за натамошни обработки е пописот, односно структурата на население по пол, возраст и други белези. Според тоа, логиката на горната колумна е сосема добра (иако се гледа дека е пишувана малку лаички), а коментарот е чиста глупост или обид за манипулација. Дополнително, ситуацијата се усложнува со лошите миграциони статистики што ги има ДЗС, со што процените на население се крајно диискутабилни!
ReplyDeleteАма човеку врска нема вкупното население, со вкупното РАБОТОСПОСОБНО население ... Вкупното население вклучува многу посложена структура на население (пензионери, деца, малолетници, ивалиди), премногу флуктуирачка категорија на луѓе ... Пописот е сложена статистичка операција, и негова цел не е само бројот на жители ... Неможеш да се потпираш само на попис. Никаде во свет не се зема како репер за невработеност, односот на невработени и вработени, во однос на вкупното население ... И апсолутно се согласувам дека треба да се направи ПОПИС, но економијата бара многу по фреквентни и поточни податоци за бројот на активно население. Според вашава логика боројот на невработени лица треба да се одредува на секои десет години... а меѓувреме дупка од податоци. Без разлика на миграцијата (13 години), ако имаше проблем со миграцијата ќе имаше намалување на активното население, а не зголемување.. И сите што мигрирале, не се активно населени .. и тие се сложена структура на населени ..
ReplyDelete„Вкупниот број на активно население се одредува преку посебна статистичка операција која се одвива квартално, или годишно, наречена АНКЕТА НА РАБОТНА СИЛА.„
ReplyDelete-Баш така. Но вкупното активно население не се пребројува директно преку Анкетата за работна сила (не е можно. бидејќи примерокот се состои од 5000 домаќинста), туку се пресметува врз база на вкупната бројка на население, т.н. рамка за примерокот, односно пописот во 2002.
-Јас не работам во Завод за статистика и не знам да ја користам нивната бирократска терминологија, ниту пак сакам. Очигледно беше потребно „голем лаик„ да напише нешто, бидејќи целиот експертски крем на опозицијата веќе со години по ред проблемот го бара на погрешно место (во Агенцијата за вработување) и не успева да формулира валиден контра-аргумент на тврдењето на власта дека вработеноста се намалува.
... Се согласувам ... Мора под Итно!!!! да се направи ПОПИС. Се друго е шпекулација. Треба да се утврди и прираст и миграција и структура на население (активно - неактивно), па и вкупно население. Сега тоа е АНКЕТАТА НА РАБОТНА СИЛА, светски стандард, шо да се прави ... Многу претпоставки.
ReplyDeleteСтапка на работоспособно население за 2013:II квартал: 0.809
ReplyDeleteСтапка на вработеност (како % од работоспособно) за 2013:II: 0.407
Претпоставка за вкупен број на жители во 2013: 1,831,000=2,061,000-230,000
Значи бројот на вработени во 2013 е:
1,831,000*0.809*0.407=603,000
Горан, немав ни најмала намера да те навредам со „малку лаички“. Само сакав да потенцирам дека иако најверојатно примарно не се занимаваш со статистика (барем не математичките аспекти кои во случајот се клучни) многу интелигентно го лоцираш главниот проблем на пресметката на стапката на невработеност (како најекспониран индикатор).
ReplyDeleteСосема си во право дека и покрај мноштвото аргументи, дел од нив навистина очигледни, никој на правилен начин не успева да ги лоцира проблемите во македонската статистика - ниту опозиција, ниту новинари, ниту експерти. Јас проблемот го гледам во статистичката неписменост, но истовремено ретко кој има директен поглед во нерегуларните активности при добивањето на резултатите од анкетите.
Зборувам како вработен во ДЗС кој работи токму на дел од овие анкети, но толку ниско во хиерархијата што немам влијание (законски) да наметнам пристап, не можам да одлучувам... Зборувам како непартиски кадар - има и такво нешто, замислете :)
Комплетен пристап на најважните анкети (АРС, АПУЖ, АПД) имаат по 6-7 луѓе на секоја. Како дел од институцијата (законски аспекти), но и заради стравот и апатијата во оваа институција никој од вработените нема да се осмели да говори на овие теми јавно. Благица Новковска и нејзините секторски раководителки се ужасно крволочни, и онака имаме само толку кислород колку да преживееме, посебно тие без никој зад нив и за кои знаат дека ги разбираат нештата.
Сега околу главните проблеми со АРС (http://www.stat.gov.mk/Publikacii/2.4.13.06.pdf)
1) Процените на население се прават скоро само на основа на родени и умрени, за миграциите има лоши и некоммплетни податоци. Софтверот и методологијата со која се подготвуваат процени и прогнози на население е тајна за сите - не може да се дознае како колегите ги произведуваат.
2) Рамка, како што спомена е Пописот 2002, со тоа голем дел од популацијата не е опфатена. Дополнително, по различни основи се исклучуваат многу населени места со што примерокот губи од случајноста.
3) Се прават директни интервенции (под маска - импутации) само да се добие конзистентност со претходните соопштенија и публикации. Тука се прават прилично злоупотреби со директна интервенција на одговорите на анкетираните. Уште полошо е што нема документација во колкав обем и каде точно тоа се прави.
4) Со сомневање да се земаат пресметаните стандардни грешки - тие не ги земаат предвид сите фази при обработките.
5) Не се прави сезонско порамнување и испитување на сезонските влијанија на временската серија. Околу ова има еден интересен настан кој го раскажуваат колегите на една обука со експерт од Италијанска статистика: кога направиле сезонско порамнување, невработените излегле близу 32% само неколку денови откако ние објавивме дека за прв пат невработените се под 30%
6) калибрацијата на пондерите е непотполна заради немањето повеќе надворешни административни извори кои би се искористиле како дополнителни услови на оптимизациониот проблем
7) Лошо спроведување на терен - како правило анкетарите се во роднински и пријателски односи со раководството, и ниту има кој да контролира како што треба што тие прават на терен, ниту некој смее да коментира за тоа. А тие скоро никогаш не се придржуваат во целост на посочените правила
Се надевам дека барем делумно јасно објаснив за најсуштествените изигрувања. И уште нешто, немојте да мислите дека ако податоците се праќаат во Еуростат некој до детали може да знае што претходело на крајните верзии. И да може, нема време и не им е битно да се занимаваат со нашите мајмунлоци доколку самите ние не се грижиме што правиме. Само некои груби контроли кои лесно се прават
Благодарам на коментарите на авторот и дечкото/девојката од ДЗС. Изгледа сум користел други извори па добив помал број на проценети вработени во споредба со оние забележани во 2002.
ReplyDeleteФала за коментарот.
ReplyDeleteБидејќи сум имал искуство да работам во Македонија, јасно ми е дека законите, статистиките, анализите се како колбаси - не сакаш да знаеш како се прават (Бизмарк).
Повеќето од овие технички пропусти не ме изненадуваат, но ме изненадува #3. Доколку тие се спремни да ги штимаат одговорите само заради некаква внатрешна конзистентност, тогаш несомнено око нема да им трепне и да ги наштимаат под политички притисок.
Како и да е, “среќна“ околност е што воопшто не ни мора да претпоставиме фингирање на бројките за да докажеме дека со јавноста дебело се манипулира.
Не коментирам само постирам дел од интервјуто на Петар Гошев за Вест.Стапката на вработеност, во однос на вкупното население, после БиХ, е најниска во Европа, изнесува само 43,4%. Истата во развиените земји е над 60%, а во повеќето комшиски држави над 50% - Словенија 57,3, Албанија 56,5, Романија 57,3, Бугарија 52% итн. Невработеноста на нашите млади, на возраст од 15 до 24 години, после БиХ е, исто така, убедливо највисока во Европа, изнесува фрапантни 55,7%. За илустрација, во Норвешка е 9,3%, во Австрија 11,9, во САД 18,2; Словенија,16,8, Хрватска 36,8, Црна Гора 40, Романија 23,8, Бугарија 27,6, во Албанија 28,3% итн.
ReplyDelete