Најсилно ги осудувам сите оние „бранители на идентитетот„ што
прогласуваат национални предавници и водат хајки против „грчките платеници„. Не
се идентификувам со нивните изблици на национален патос. Не верувам во
националните наративи што ги создаваат државите во процесот на нивното
формирање, вклучувајќи ја тука и македонската. (Особено македонската.) За глупостите на антиквизацијата
па и не вреди трошам букви. Но одбивам милиони мои сограѓани да ги прогласам за
заблудени шовинисти доколку имаат афективен однос кон прашањето за името;
доколку сметаат дека е крајно понижувачки и не сакаат да дозволат некој друг да
им наметне како да се викаат. Затоа што најпосле идентитетот се состои во субјективниот однос на личноста кон нештата кои таа ги смета за вредни. И никој нема право да каже дека одредена концепција за себе е повалидна од нечија
друга, без разлика дали таа се темели на некоја религија, национални симболи, името на државата, колку и да
биле истите за мене беззначајни. Ова отсекогаш било централен принцип на сите еманципаторски движења низ истораијата. Како левичари, ги уважуваме правата на трансродовите
лица да се идентификуваат со родот по свој избор и ги почитуваме правата на
малцинствата за самоопределување и изразување на нивниот културен идентитет со
сите негови пропратни елементи. Затоа, каков било договор за името мора да се
аминува најдемократски на референдум, како што впрочем беше и ветено.
Не мислам дека доколку се смени името на државата за официјална
меѓународна употреба ќе не „снема„ како нација (што и да значи тоа). Како што
пишува Акис Гаврилидис во текстот што го шернав вчера, потпишување на каков и да
е договор ја нема таа моќ да ја смени разговорната практика на 7 милијарди луѓе
ширум светот. Луѓето со кои комуницираме во странство ќе продолжат да не викаат
„Македонци„, како што не викале и до сега, а Грците ќе продолжат да не викаат
„Скопјанос„, како и до сега. Но исто така и не мислам дека доколку не влеземе
во НАТО веднаш и сега ќе не снема како нација. И двете се еднакво фаталистички
позиции без поткрепа во реалноста.
Во серија колумни провладините интелектуалци деновиве
констатираат дека: да, навистина е нефер тоа што Грција ни го прави, но правдата
нема место во реал-политиката, и ние мораме да го прифатиме решението што го
налага политичката прагма. Might makes right. Затоа ајде за момент for the sake
of argument да ги ставиме настрана националните чувства, да се согласиме дека
прагматичното решение е правилно, и со ладна глава да ги преиспитаме
претпоставките врз кои почива оваа аргументација.
Немајќи никаква особена стратегија за економски развој, се чини власта ја полага сета надеж во спасителот ЕУ и IPA фондовите што отпочнувањето на
преговорите треба да и ги отвори на земјата. На ист начин, и Груевски целата своја економска стратегија ја базираше на странците кои со своите директни инвестиции
требаше да ја спасат државата која беше одвнатре разјадувана од неговата
партиска машинерија инсталирана во сите институции. Но добро, колкави се
всушност тие фондови со кои треба да почне економскиот препород? Во случајот на
Македонија - 664 милиони евра за 6 години (2014-2020), или 55 евра по човек
годишно. Отприлика исто толку колку што за 6 години изеде Скопје 2014. Ете тоа
е цената на нашиот национален срам, 3,300 денари годишно, исто толку колку и цената на нашето национално
достоинство.
Вториот аргумент е дека влезот во НАТО ќе биде гарант за
стабилноста и демократијата во земјата. Не знам дали навистина не знаат или се
прават дека не знаат, но НАТО е воена алијанса која ја гарантира безбедноста на
неговите земји-членки од надворешни агресори, од какви што Македонија не е во
опасност. Инхерентната внатрешна нестабилност на Македонија произлегува од
нејзиниот етнички состав. Доколку не успееме да изградиме кредибилен модел на
заедништво за сите етникуми, навистина е можно Македонија да се распадне. Но во
тој случај НАТО не би можел ништо да стори, освен да посредуваат за мирен
распад како и досега. Како што НАТО ништо не стори и кога Британија изгуби 52
од своите колонии откако е членка на алијансата, или кога Франција го изгуби
Алжир во 1962 иако беше составен дел (departement) од нејзината територија со
ист статус како и Париз. А колкава гаранција дава НАТО за внатрешната
демократија се гледа најдобро од Ердоганова Турција. Македонското членство во
НАТО само може да ја зацементира нашата позиција во американската геополитичка
оска, од која веќе де факто сме дел (кој се сомнева, нека погледне кон онаа
зградурина на Калето), и ќе ја обврзе државата да троши одреден дел од буџетот
за модернизирање на армијата по современи стандарди, и толку.
Третиот аргумент е дека доколку земјата остане надвор од ЕУ/НАТО
тоа може да влијае врз нашата внатрешна стабилност, особено доколку во
меѓувреме Албанија и Косово постигнат некаков напредок. Мој впечаток е дека
Албанците од позиција на малцинство кое и самото долги години се бореше за
национално признавање и еманципација, вклучително и во Грција, имаат разбирање
за Македонците (како и досега) и тие не би влегле во конфликт поради нешто кое
тие самите никогаш не би го прифатиле како еден исклучително горд народ. Внатрешната
стабилност многу повеќе ќе ни зависи од тоа како ќе решаваме ред други
предизвици, вклучително и законот за јазици, отколку името.
Но најважен во сево ова е тајмингот, бидејќи успехот во решавањето на проблемот со името е пред се прашање на изнаоѓање оптимален политички тајминг. За жал, процесот на проширување е
последната грижа на ЕУ во моментов. Мнозинството од нашите политички елити не
ја разбираат ниту генезата ниту длабочината на предизвиците со кои се соочува
Европа од 2008 наваму и се водат по инерција на ентузијазмот со кој владата на
СДСМ го менаџираше процесот од 2002 до 2006. И доколку пред неколку години им
се смееа на евро-скептиците кога викаа дека ЕУ може да се распадне, денес сме
сведоци дека ЕУ де-факто се распаѓа (Брегзит). Десниот популизам ќе јакне се додека владеат економско-политичките услови кои го
хранат (евро-зоната и неолибералниот модел) и нужно ќе разултира со се поголема
фрагментација на институционалниот поредок на континентот. На сликата гледате
дека во 2012, уште пред т.н. популистички бран да ја зафати ЕУ, во речиси
сите западно-европски земји мнозинството било против понатамошни проширувања.
Денес тоа мнозинство е сигурно многу поголемо. Без разлика што евро-бирократите
постојано ќе ни викаат дека ние сме следни, како што ни викаа уште од осамостојувањето (тоа им е работа), јасно е дека ниту
една влада на земја члека нема да го жртвува својот политички капитал, само за
да може една Македонија или Албанија да стане членка и да им прати уште еден
бран иселеници. Доколку се сомневате, ве поздрави Турција која е кандидат уште
од 1997, а нејзиниот процес се замрзна кога јавното мислење во Германија и
Франција го премина прагот од 50% против.
Имајќи го сето ова предвид, Македонија дури и да ги почне
преговорите, речиси сигурно нема да стане членка пред 2030. До 2030 ЕУ нема
веќе да биде тоа што е денес, а што ќе биде, ако се уште биде - не знаеме. Но
тоа што знаеме е дека до тогаш голема е веројатноста Грција да банкротира,
затоа што ниту една земја во историјата никогаш и никаде не отплатила ниту приближно толкаво
ниво на надворешен долг, колку што денес има Грција (180% од БДП). А долговите
што не можат да се отплатат - нема да се отплатат. Кога задолженоста станува неоддржлива правилото отсекогаш било - банкрот. И покрај тоа што се очекува
во август да „матурира„ од третиот bailout аранжман, нивото на долг е повисоко
од кога било, а економијата е во аут. Верувам дека извесниот банкрот на Грција
ќе се случи пред неизвесното зачленување на Македонија во ЕУ. Тој ден
политчкото влијание на Грција во ЕУ ќе стане намалено до потполно срозено, во зависност од тоа дали банкротот ќе биде едностран или контролиран. Што значи дека би
испаднале извонредно глупави доколку се согласиме да го промениме името сега во
замена за една обична препорака. Во најмала рака очекувам, доколку
се мудри нашите, каков и договор да потпишат, тој да предвидува две фази на
ратификација како своевидна полиса на осигурување. Во првата фаза - замена на
БЈРМ со новото име во меѓународните организации и почеток на преговорите, и
втората - ратификација за севкупна меѓународна употреба тогаш кога (Северна?)
Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Најпосле, зарем не ви е малце чудничко што во целата оваа драма
околу името вмровската врхушка е умерена и воздржана ко да се Швајцарци? Како
е можно истата таа партија што 10 години на истата глупа фора со името ја
лажеше цела нација, водеше хајки против соросоиди, испраќаше погребни венци, се
дереше по плоштади, ширеше хистерија и параноја, со цел нели одбрана на името,
сега кога дојде до тоа стварно да се менува, да ги нема никаде нит со
протест, нит гласот да им се чуе? Зарем не е ова златна шанса баш сега кога се
во нокаут да се консолидираат и соберат лесни политички поени со евтин
национал-популизам? За жал, колку и да е грд, неизбежен е заклучокот дека
постои дил помеѓу Заев и Груевски. Прашање е само што тоа Заев (и
меѓународната) му понудиле на Ж за да ја добијат неговата
преќутена согласност за името. Ваков политички дил не е испод честа на Заев.
Сетете се дека тој веќе еднаш беше снимен во кабинетот на поранешниот премиер како во земена за
отстапување на власта нудеше премолчување на снимките, потплно информиран за
злосторствата на неговиот соговорник. Не се сомневам дека вмровската врхушка
околу Груевски до гуша во криминали не би се двоумела ни две секунди да ги предаде
интересите на членството за „одбрана на името„, како што не се сомневам и дека
социјал-демократската клика околу Заев е подговена да ги изневери барањата на
Шарената Револуција за полна кривична одговорност за крупните риби на режимот
доколку без поголема галама успеат да ги прокнижат политичките поени што би им
ги донел влезот во НАТО. Времето ќе покаже дали сум бил во право. Проблемот
секако е што со решение за името на ваков начин ниту се гради правна држава,
ниту функционална економија, а богами ниту кохезивна нација.
No comments:
Post a Comment