1. Национален инвестициски фонд. Добивката на македонската берза изнесува околу 10% годишно (МБИ 10 индекс), но таа се слева претежно во џебовите на богатите. Вложувајќи мала сума од буџетот во берзата, Владата за релативно брзо време може да создаде солидно инвестициско портфолио од кое на секој граѓанин при навршувањето полнолетство би му следувал мал дел. Така, секој полнолетен граѓанин би имал почетен капитал кој би можел да го искористи како помош за започнување бизнис, купување стан или да продолжи да штеди. Само за пример, доколку државата секоја година вложува само 1% од буџетот, за 10 години сумата би изнесувала околу 400 милиони долари, или $4,000 за секое бебе родено во тој период.
2. Даночна реформа. Прогресивен данок на доход е цивилизациска придобивка што секоја развиена земја ја има. Не само што ќе ги зголеми буџетските приходи, туку и ќе ја намали социјалната нееднаквост, која е најлоша во цела Европа. Но тука би сакал да свртам внимание и на еден друг вид на данок, за кој многу помалку се размислува – данокот на наследство. Кај нас тој изнесува од 2-5% од вредноста на наследството, додека во земји како Јапнија и Кореа тој изнесува околу 50-55%. Но уште потрагично, кај нас најчесто овој данок воопшто и не се плаќа бидејќи постои исклучок за прво колено, наместо исклучокот да биде врз база на вредноста на наследството. Данок на наследство од 30-50% би имал неколку предности: фер е од морално-филозофска гледна точка; го спречува перпетуирањето на македонските богаташки “династии”; нема негативен ефект врз странските инвестиции; и за разлика од данокот на богатство, проценката на вредноста на имотот се врши само еднаш во животот, а не секоја година, што би било значителен трошок и зголемена можност за корупција.
3. Зелени инвестиции. Еден од најголемите предизвици со кои ќе се соочиме во релативно брзо време се климатските промени. Ова воопшто не е помодарска тема со која само Западњаци треба да се бават. Кај нас се уште јагленот е најзастапениот извор на енергија, a Скопје е еден од најзагадените градови во светот. Целосна енергетска трансформација треба да биде наш врвен приоритет. Тоа вклучува гасификација, инвестиции во обновливи извори на енергија, и енергетска ефикасност (термо-изолација). Државата мора да биде двигател на тој процес со директни ивестиции, како и државни субвенции (50%+) за сите приватни зелени инвестиции.
4. Домашно задолжување. Земја која што има сопствена валута би требало да одбегнува да се задолжува во странство колку што може. За жал, трендот на македонското финансирање е во спротивна насока. Како оправдување најчесто ќе чуете дека каматата на еврообврзниците е поповолна од домашните обврзници, но притоа се изостава фактот дека НБРМ ја контролира понудата на денари, така што таа споредба не држи. Македонија има фискален капацитет значително да го зголеми домашното задолжување бидејќи и инфлацијата и каматите во последните 10 години се на исклучително ниско ниво (под 2%), додека странските резерви се на релативно високо ниво споредено со многу други земји. Доколку Владата е доволно имагинативна, таа може дури и да се финансира од централната банка преку директна продажба на обврзници (како што тоа го направи имено Централната Банка на Англија пред неколку месеци и како што со години препорачуваат ММТ економистите), наместо тоа да го прави на примарниот пазар плаќајќи високи камати на приватните кредитори, и со тоа продлабочувајќи го уште повеќе јазот помеѓу богатите и сиромашните.
5. Државна гаранција за работа. Апсурдно и неефикасно е во монетарно независна земја со толку незадоволени инфраструктурни потреби и толку ѓубре да има толкава енормна стапка на невработеност. Владата, во соработка со општините, може и треба да гарантира работа во овие области, вклучително и социјална работа (грижа за стари и изнемоштени лица). Со само 50% поголемо вложување можеме од енормните социјални трансфери кои го гушат буџетот да направиме продуктивни инвестиции. Истовремено оваа програма би ја детерминирала минималната плата (наместо тоа да биде со владин декрет) и би ги ублажила економските кризи поради нејзината анти-циклична природа.
6. Државна банка. Државни банки постојат и коегзистираат со приватни банки во многу земји: Швајцарија, Германија, Бразил, Кина, Индија. Државните банки нудат евтини или бесплатни базични услуги како тековни и штедни сметки, платен промет, примање пензии и слично. Наместо потполно нова институција, би можело исто така да се искористи и надгради инфраструктурата на Македонски Пошти, која веќе постои во повеќето населени места. Државната банка би можела да учествува во половично кредитирање на приватни лица и компании како ко-кредитор, доколку друга приватна банка веќе го одобри заемот со цел минимизирање на ризикот во работењето, или пак целосно да кредитира ограничен број на проекти од посебен интерес. Бидејќи државната банка не работи заради профит, таа може да наплаќа помали камати што пак би придонело да се намали пазарната цена на кредитите, како и економската моќ на приватните банки воопшто, кои моментално спаѓаат во најпрофитабилните компании кај нас.
7. Професионализација и рационализација на јавната администрацијa. Ова е рак рана на македоската економија. Ваква каква што е, јавната администрација е скапа, неефикасна и служи како алатка за клиентелизам кон партиските апартчици на секоја една партија што ќе дојде на власт. Мислам дека се додека стандардите во политиката не се подигнат на значително повисоко ниво, кадровските решенија во јавната администрацијата (со исклучок на стратешките решенија: директори, советници и сл.) би требало да и се доверат на странска HR компанија која ќе раководи со процесот на human resource management, интервјуирање на кандидати, евалуација, унапредувања, отпуштања итн. Истовремено, платата на сите оние кои се вработени во државна администрација, вклучително и директорите и пратениците, треба да се индексира на просечниот стандард на живеење. На тој начин би добиле покачување само доколку си ја вршат добро работата и стандардот расте. Притоа соодносот на платите во јавната администрација спрема приватниот сектор треба да биде ист како и на Запад – на тој начин талентираните млади ќе останат во приватниот сектор, наместо да се борат за материјална егзистенција како партиски подлизурковци.
8. Стимулација на домашната потрошувачка. Ова може да се спроведе претежно преку ваучери за локален туризам, со што би се потикнал порамномерен регионален развој, како и ваучери за други индустриски гранки кои би биле од стратешка важност (на пример, дообразба, курсеви за јазици, спорт, теретана и сл.).
9. Индустриска политика. Секоја земја треба да има стратешка визија за развој на својата економија, а не да препушти се на слободниот пазар. Земајќи ги предвид технолошките перспективи, географската поставеност, како и пост-социјалистичкото наследство на нашиот образовен систем, сметам дека тоа треба да биде информатичката технологија. Државата може да помогне преку стимулирање на младите таленти за математика и програмирање (награди, натпревари), субвенции за IT курсеви, индустриски саеми, вложување во broadband технологија.
10. Специјални судови за странски (и домашни) инвеститори. Кафкајанскиот карактер на македонската правна регулатива е една од главните пречки за ниското ниво на странски инвестиции. Наместо привилегиран третман во однос на домашните инвеститори преку неплаќање давачки и субвенции, што претставува минорна заштеда за една мултинационална компанија, државата може да сигнализира искрена посветеност кон привлекување FDI доколку воспостави специјални судови кои ќе обезбедат брза, ефикасна и фер постапка за сите спорови од областа имотното право, договорното право, работни односи и сл., како и single-point-of-contact администртивно тело кое би ги обезбедило сите потребни дозволи. Овие судови и тела би работеле двојазично или би имале преведувачи на англиски за секој документ кој го издаваат. Откако ќе воспостават одредена рутина, капацитетот на овие судови и тела би можел да се прошири да ги вклучи и домашните инвеститори.