Monday, June 4, 2012

Зошто пропаѓаат нациите

Зошто пропаѓаат нациите ("Why nations fail: the origins of power, prosperity and poverty") од Дарон Аџемоглу (МИТ) и Џејмс Робинсон (Харвард) е името на новата книга која излезе овој февруари и полека станува една од најзначајните популарни книги од областа на развојната економија. Уште првата недела дебитираше на листата на бестселери на Њујорк Тајмс и понатаму добива одлични критики од сите значајни сватски списанија. Во неа авторите се обидуваат да дадат одговор на прашањето содржано во насловот: зошто некои држави се богати и просперираат, а зошто други тонат во сиромаштија? Ова е веројатно најважното прашање на денешницата за кое во економската теорија не постои задоволителен консензус. Причината за успехот на книгата е едноставноста и истовремената револуционерност на понудениот одговор: институциите кои едно општество ги создава, т.е. законската и политичката рамка во која тоа функционира, се примарниот фактор кој одредува кои земји ќе бидат богати, а кои сиромашни.

Географската хипотеза
Можеби ова ни се чини интуитивно, дури и очигледно, но конвенционалната мудрост во политичките и академските кругови долго време се состоеше од теории кои ја нагласуваа улогата на природно-географските фактори: од неповолната географска положба како немањето излез на море, отсеченоста поради пустинските и планинските предели; улогата на климата за нивото на земјоделска продуктивност, тропските болести, деструктивноста на сушите, монсуните и тајфуните, па дури и влијанието на климата во обликувањето на културните навики (Монтескје 18-ти век: „Луѓето што живеат во топлите тропските краишта се разгалени поради убавото време, стануваат мрзливи и затоа се сиромашни.„) Модерната софистицирана верзија на оваа анахрона теорија е дека во некои култури и религии (имено исламот и Шеријатското право) се вкоренети обичаи и практики кои не можат да создадат предуслови за економски развој (неодговорност, склоност кон непочитување договори, аверзија кон банкарството, штедењето, корпоративното право и сл.) Главниот доказ за географската хипотеза уште од времето на Монтескје се содржи во картата подолу, на која може да се забележи дека најсиромашните земји (според просечното ниво на куповна моќ) се сконцентрирани во еден вид тропски сендвич околу екваторот, додека северно и јужно од нив во умерените предели се наоѓаат побогатите земји.

PPP (purchasing power parity) БДП (куповна моќ) по глава на жител 
и граница на тропската зона (±23° од екваторот)

Од друга страна, на долната слика се наоѓа контра-примерот на двете Кореи, за кој и самите автори пишуваат. На сателитската снимка јасно може да се види драматичната економска разлика помеѓу две земји кои имаат практично исти природно-географски предуслови, иста култура и традиција, на многу различни политички институции од двете страни на границата. 


„Се е политика!"
Клучното прашање е дали е прво јајцето или кокошката, односно политиката или географијата: Дали лошите политички режими се колатерален производ на општество кое е заглавено во сиромаштија, или пак државите заглавуваат во сиромаштија поради лошите политички режими. Аргументот на Аџемоглу и Робинсон се движи по линија на втората опција. Економски просперитетните држави имаат политички и економски институции кои се инклузивни, што значи дека преку систем на закони и практики создаваат услови за да се искористи целокупниот човечки и економски потенцијал за развој. ‘Политички инклузивни институции‘ значи дека моќта на одлучување широко се споделува помеѓу различните општествени слоеви и сите имаат влијание во креирањето на политиките преку систем на checks and balances. Различните општествени групи преку политички инклузивните институции можат да се изборат за своите интереси и на тој начин се содаваат економски инклузивни институции, кои гарантираат дека секој може слободно да практицира професија по свој избор, заштитено право на приватна сопственост, непристрасен правен систем, и еднаков пристап до јавните добра и услуги (како инфраструктура и образование). Овие форми на институционална организираност се неопходни за економски развој бидејќи овозможуваат трудот, способноста и иновативноста слободно да се вклучат во продуктивните процеси и да бидат наградени за тоа. Не само што политички инклузивните институции поддржуваат економски инклузивни институции, туку и обратно: кога различни економски интереси имаат слична економска моќ, многу е потешко за една група да ја узурпира политичката моќ на одлучување. На овој начин инклузивните општества генерираат механизми со кои се самозаштитуваат од алчноста на поедини индивидуи и групи и ја унапредуваат тешко стекнатата инклузивност. Во инклузивни општества, економската моќ на поединците зависи од условите на пазарот и се менува заедно со него, а не од политички привилегии кои владеачката елита би ги создала за да се збогати самата.

На другиот екстрем се наоѓаат режими во кои наместо инклузивни, постојат екстрактивни институции. Кај екстрактивните политички институции моќта на одлучување е сконцентрирана кај мала владеачка елита која одлучува исклучиво во полза на своите економски интереси на штета на сите останати, т.е. се создаваат екстрактивни економски институции преку кои се исклучува и осиромашува широк слој на граѓани. Во економски екстрактивни институции и практики спаѓаат: селективна примена на правниот систем, принудна работа, непочитување на правото на сопственост (експропријација, асиметрични одданочувања на само одредени сектори и слоеви), давање привилегии на владеачката елита (корумпирани владини договори, трансфери, заштитнички монополи) како и ограничен пристап до јавните добра (прескапо образование кое сиромашните не можат да си го дозволат или инвестирање во инфраструктурата само во одредени региони во кои владеачката елита ужива најмнмогу поддршка). Во вакви општества не постојат соодветни услови за долгорочен економски развој. Секој оној кој инвестира, без разлика дали во човечки капитал, т.е. во личната наобразба, дали во финансиски капитал (штедење) или во физички капитал (отварање бизнис), нема никаква сигурност дека токму тој ќе профитира од плодовите на неговата работа и инвестиција, бидејќи екстрактивните економски институции кои владеачката елита ги креира не работат во негова полза: заштедата може да исчезне доколку власта реши да создаде хиперинфлација, бизнисот може да пропадне соочен со опструкции, забрани или со повластена конкуренција, додека стекнатото образование и способност може да не значат ништо кога оној што е поврзан со елитите добива работно место во јавна институција или моќ на одлучување. 
И тука постои позитивна спрега помеѓу екстрактивните политички и екстрактивните економски институции. Само авторитативна власт која не ги застапува интересите на народот е во состојба систематично да работи против економските интересите на мнозинството. Исто така, колку е поголем степенот на екстрактивност на институциите, толку е поверојатно дека и новата елита што евентуално би ја преземала власта ќе продолжи да го практикува истиот систем, бидејќи веќе постои разработена општествена машинерија која им гарантира сигурен економски профит и политичка контрола. Дури и да ја преземат власта со ветувања за поголема инклузивност, остварувањето на тоа ветување од страна на новите елити би одело контра нивните сопствени интереси, а искушението е дотолку поголемо колку е самата власт помоќна (така што ризикот од узурпација ќе помине неказнет од останатите). Овој ефект, Аџемоглу и Робинсон го нарекуваат челичниот закон на олигархијата.

Зошто е значајно сево ова?
Оваа книга има пред себе многу амбизиозен потфат, а тоа е низ гореопишаната теоретска рамка да ја реинтерпретира целата економска и политичка историја на цивилизациите. Преку стотици примери кои опфаќаат период од неолитот до Арапската пролет и простор од Јапонија до Аргентина, авторите меѓу другото нудат објаснувања за тоа зошто Индустриската револуција започнала во Англија, зошто САД се најмоќната нација во 20-от век, зошто супсахарска Африка тоне во сиромаштија, зошто некои земји во Источна Азија постигнаа огромен економски раст, додека растот на Кина не е одржлив на долг рок. Причините секогаш ги лоцираат во историскиот развој на институциите во различните региони и улогата на историската случајност во интеракција со истите.
Доколку оваа теорија е точна, импликациите не се тривијални. Тоа би значело дека би требало да ги преиспитаме политиките на ОН и Светската Банка во однос на најсиромашните земји кои се базираат на давање неусловена помош и создаваат систем на перверзни мотиви кои само ги зајакнуваат екстрактивните режими. Конечно би требало да расчистиме со наивното верување кое е особено популарно меѓу академици експерти за развој дека властите во која и да е сиромашна земја имаат чесни намери и искрени заложби за сеопшт просперитет на својата земја, а дека единственото што им недостасува е странска експертиза за тоа кои се најдобрите политики. Но во оваа теорија се содржи и радикалната идеја дека граѓанините се самите креатори на својата судбина и дека прашањето на економскиот развој и просперитет е пред се прашање на политичко одлучување и организација.

----
Во наредниот пост ќе го анализирам примерот на Македонија применувајќи го пристапот на Аџемоглу и Робинсон, односно ќе се обидам да дадам одговор дали и  зошто македонското општество се чини заглавено во сиромаштија, економска стагнација и екстрактивни институции.

2 comments:

  1. Интересно звучи оваа теорија, многу едноставно и логично, но ако сево ова може емпириски да се докаже и потврди како непобитна вистина, тогаш можеби многу решенија ќе бидат на дофат, т.е. барем ќе се знае каде да се бараат решенијата и да не се лута многу со економски експерименти.

    Сепак, мене не ми е сосема дообјаснета оваа хипотеза (ја нарекувам хипотеза оти претпоставувам дека се' уште не се смета за непобитна научна вистина). Не сум економист, па само ќе поставам прашање како некој што горе-долу ги следи настаните. Имено, се вели дека клучот во сиромаштијата е што сиромашните општества се екстрактивни, т.е. имаат такви институции, додека пак богатите имаат инклузивни. Даден е примерот со Северна и Јужна Кореја, во кои иста или слична култура и традиција имаат драстично различен економски развој поради политичкиот систем, кој во едната земја е диктаторски со екстрактивни институции, додека во другиот е демократски со инклузивни институции.

    Прашањето е: дали се ова единствените причини, т.е. дали не се земени предвид и други варијабили кои влијаат на богатството на одредена земја? На пример, Северна Кореја е под некакво политичко и економско ембарго уште од времето на примирјето (мировен договор се' уште не постои меѓу северот и југот) од страна на САД и нивните сојузници (т.е. целиот богат свет), и во такви услови земјата нема апсолутно никаква можност за нормален развој. Можеби ова е еден од побитните фактори за економските проблеми на Северна Кореја, отколку самиот факт што институциите и се екстрактивни. На ова ме наведува фактот што Саудиска Арабија, за која веројатно сите ќе се согласат дека има екстрактивни институции, и според ниту еден критериум не е демократско општество во кое одлучувањето за економските политики лежи во различните општествени слоеви,е силен сојузник на САД, нема никакви пречки во меѓународната трговија и е богата со ресурси, има БДП по глава од околу 24.000 долари, а тоа тешко може да се каже дека е сиромашна земја. Има повеќе слични примери, но овој го дадов само за илустрација.

    Значи, нели е премногу ограничувачка оваа хипотеза, и донекаде идеолошки обоена, или пак можеби има одговор и за ваквите примери кога екстрактивни земји се богати поради политички поволни околности? Ме интересира дали се дадени и примери во кои има земји со инклузивни институции кои се сиромашни, или пак сите земји кои имаат такви институции се без исклучок богати?

    ReplyDelete

  2. Заемот нуди 2% камата

    Ако ви треба финансиска помош, не двоумете се да не контактирате. Можете да добиете заем во опсег од 2.000 € до 1.000.000 € на многу поволни услови во целокупната законитост и сигурност. За да дознаете повеќе за финансиските аранжмани, ве молиме контактирајте не преку е-пошта. E-mail: marcuford@gmail.com

    ReplyDelete