Вистината е некаде помеѓу, и за да ги одвоиме фактите од митовите и политичките предрасуди, неопходно е да се позанимаваме со малку статистика. Неоспорен факт е дека бројот на студенти во високото образование енормно е зголемен (види график).
Историски тренд на бројот на дипломирани студенти
во Македонија 1990-2010, Државен завод за статистика.
„Кога некој мерлив индикатор ќе стане цел на одредена економска политика, тогаш тој престанува да биде добар индикатор за она што всушност треба да го мери.„
Така, доколку во нормални услови бројот на високообразовани кадри е индикатор за квалитетот на работната сила и вештините кои таа ги поседува, во оној момент кога власта ќе си постави цел сама по себе да го напумпа тој процент, тогаш таа бројка губи секакво значење кое евентуално го поседува и квалитетот повеќе не соодветствува со статистиката. Значи вистинското прашање не е колку студенти дипломираат во Македонија, туку што можат тие да направат со таа диплома.
Цената на образованието
Кога економистите ја мерат цената на нешто, тоа не ја вклучува само вредноста во пари која ја плаќаме, туку и вредноста на втората најдобра опција која не ја избираме т.н. opportunity cost. (дигресија со еден виц: како ќе зезнете економист? -Со тоа што наместо еден, ќе му понудите да избира помеѓу два идентични сникерса. :) Да земеме за пример колку чини една диплома на приватен универзитет? Тука спаѓа школарината која ја плаќаме во текот на 4 години (4*2,000=8,000 евра), но и цената на пропуштената плата која нема да ја примате за тие 4 години (4*12*350=16,800 евра), севкупно околу 25,000 евра. Скапо малку?
Да видиме колку добиваме за возврат од истата таа генеричка диплома. Еден индикатор е разликата во платите помеѓу оние со средно и оние со високо образование, но тука постои добро познат bias (грешка) при ваквите споредби, бидејќи поспособните ученици кои и без диплома би заработувале повеќе се токму оние кои запишуваат факултет. Наместо тоа можеме да ги споредиме стапките на невработеност кај двете групи, и доколку дипломата е исплатлива инвестиција тогаш несомнено би требало кај факултетски образованите да има помала стапка на невработеност. На прва, статистиката токму тоа и го покажува:
Извор: Државен завод за статистика, Анкета за работна сила, 2010
Но доколку ги погледнеме статистиките само за возрасната група која беше зафатена од либерализацијата во високото образование, излегува сосема поинаква слика:
Извор: Државен завод за статистика, Анкета за работна сила, 2010
Ефектот „мамино синче„
Пред да го одговориме милионското прашање, морам да нагласам што овие бројки НЕ значат. Тие не значат дека дипломите од сите факултети се бескорисни и дека треба да го напуштите факултетот за да барате вработување веднаш. Сосема е можно некои факултети да нудат (и нудат) солидни услови и вистински знаења, но таквите поединечни случаи не можат да дојдат до израз во статистика базирана на просеци. Исто така, немаме информација за оние студенти кои се вработуваат и кои сосема е можно да земаат плата значително поголема од просекот, но дури и тоа не ги оправдува рекордните стапки невработеност кај младите со кои Македонија држи уште еден неславен европски рекорд (заедно со Босна).
Постојат две објаснувања за енормната невработеност кај младите. Едното е дека пазарот на работна сила е престрого регулиран, па поради тоа работодавачите се „заглавени„ со понеквалитетни постари кадри кои не им се исплати да ги сменат за помлади и пообразовани поради пеналите вклучени во работните договори. Другото објаснуање е дека квалитетот на младите кадри е лош и дека работодавачите преферираат да ги задржат поискусните кадри отколку да ризикуваат со новите. Во Македонија со донесувањето на Законот за работни односи од 2005 се овозможи поголема флексибилност и како последица на тоа процентот на невработеност кај младите почна полека да се намалува. Но и покрај овој тренд, невработеноста е преголема за да се објасни само на таа база.
Тоа значи дека лошиот квалитет на просечниот кадар кој излегува од универзитетите е факт со кој треба да се соочиме. Ова го потврдува и парадоксот што го спомнав погоре: дека младиот среднист денес има поголема шанса за вработување отколку оној со факултет. Овој парадокс до некаде може да се објасни преку феноменот на „мамини синчиња„ - млади кои уживаат во студентските денови трошејќи ги парите на родителите, а по дипломирањето одбиваат секаква работа која не им е по струка како „испод чест„, на тој начин продолжувајќи го студентскиот живот како невработени.
Цената на изгубената надеж
Невработеноста кај младите не е само статистички куриозитет базиран на возраста на испитаниците. Таа треба да се сфати како економска рак рана која метастазира од ден во ден. Неискористените човечки ресурси ја чинат Македонија милјарди долари секоја година. Но човечкиот капитал не е само средство за економско производство, туку тоа се и надежи за сигурна иднина, верба вложена во општеството и верба вложена во себе. Кога ќе им оневозможите на мнозинството млади луѓе да создаваат за себе и за државата, вие создавате изгубена генрација, која своите најдобри и најкреативни години ги поминува лута и огорчена на системот. Создавате генерација која станува оттуѓена, цинична, депресивна, склона кон криминал, со изместен систем на вредности, која сака да ја напушти државата и која таа горчина некој ден ќе ја пренесе и на своите деца, и мислам дека токму ваква една младина нашата власт помогна да се создаде.
Дувањето на меурот
Економистите велат дека се создава меур кога пазарот масовно инвестира во некоја технологија надевајќи се дека е исплатлива на долг рок, но всушност се работи за неоправдан оптизмизам, за т.н. herding (менталитет на стадото) и на крајот кога меурот ќе пукне сите сфаќаат дека инвестицијата всушност била промашај, настанува вишок капацитет и паѓа цената. Ако заклучиме од изнесените податоци дека инвестирањето во високото образование има карактеристики на меур, сепак од позиција на либерални принципи секој има право да избере да вложува во својата иднина онака како што мисли дека е најдобро за него, дури и кога се работи за исклучиво лоша инвестиција. Во оваа смисла беше добредојдена либерализацијата во високото образование, зголемената конкуренција и поголемиот број можности што таа ги нуди.
Но дури и ако настапиме од оваа радикално либерална позиција, не може да се негира улогата на власта во стимулирањето на овој меур со цел зголемување на процентот високообразовани кадри. Преку екстремно ниските критериуми за акредитација на приватни универзитети и отварањето на државни универзитети без адекватна опременост (Штипскиот, Охридскиот, Тетовскиот) власта свесно го помогна намалувањето на квалитетот на високото образование, надевајќи се на зголемување на квантитетот за возврат. Но влошувањето на квалитетот е и цел сама по себе која произлегува од толку суштинскиот проект на владејачката коалиција да создаде дисциплинирано гласачко тело, а не индивидуи кои мислат и критички проценуваат. Вулгарната партизираност на високообразовната политика го доведе квалитетот на некои дипломи до ниво на тоалетна хартија. Така, не е тајна дека Европскиот Универзитет функционира де факто како партиска институција чија цел е експресно да дипломира партиски кадри за државните институции кои на друго место не би поминале ниту еден испит. Доктор Латас и магистерот Урко се најпроминентните примери од оваа високообразовна институција, заедно со онаа карикатура од претседател Бојо со сомнителни акредитации и биографија. Тетовскиот Универзитет е приказна сама за себе и ниту сме запознаени добро со сите партиски војни кои се водат таму. Скандалот со Информатичкиот универзитет во Охрид кога неколку странски професори ја обвинија управата за плагијат докторски, партизираност, авторитарност и најавија тужби, само за кратко го доведе проблемот со плагијатите на виделина, но воопшто не е случајно што никој не одговараше за тоа. Плагијати дисертации, препишани магистерски, нарачани дипломски постојат не поради превид, туку како цел сама за себе на образовната политика, бидејќи токму тие се клучни да се одржи партиско-интелектуалната елита која системот има за задача да ја продуцира. И колку повеќе власта го дува меурот на високото образование, толку повеќе се дуваат лажните надежи на студентите, толку поголемо ќе биде нивното разочарување и цената што како општество ќе треба да ја платиме кога тој меур неизбежно ќе пукне. Се надеваме само дека на студентите ќе им пукне порано од политиката на власта, за доброто на сите.
Горан, кога веќе расправаме за статистики: од последниот попис во САД (http://www.census.gov/hhes/socdemo/education/data/cps/2011/tables.html) бројот на луѓе во САД со почнат / завршен факултет е далеку понизок од оној што го имаш цитирано: од целата популација 30.4% се со завршено средно, 19.6% само почнале високо образование, 27% со Associate / Bachelors; 7% магистри, 2.6% доктори и професионални дипломи.
ReplyDeleteБез разлика на бројките, она што е битно го имаш и потенцирано - стапки на невработеност поделени по степен на едукација.
-Филип
Filip,
ReplyDeletese raboti za net enrollment rates, koi go opfakjaat % od mladite koi se vkluceni vo tercijarnoto obrazovanie, a ne celata populacija. Statistikata e linkana vo tekstot do izvorot (UNESCO).
Pozdrav,
Goran
Hello,
ReplyDelete(4*12*350=16,800 евра) Ovaa matematika e pogresna. Porealno bi bilo 4*12*150=7200 evra, pod uslov da najde ili prifati rabota za taa plata. Nekoi od tekstovite sodrazt blatantni greski i nerealni pretpostavki koi (najverojatno) se dolzat na dolgoto otsustvo od Makedonija.
Ако „долгото„ (и не така долго) отсуство од Македонија нешто придонесе, тоа е да го замени рекла-казала пристапот со научно-објективен пристап. Гледам дека немаш проблем со математиката, туку со концептот зошто е ставена плата од 350 евра за просекот, а не 150 евра, како што од искуство знаеме дека постои.
ReplyDeleteТоа е така од причина што просечната плата во Македонија според Заводот за статистика изнесува 350 евра. Можеби те буни тоа што не се користи нето-плата (многу поблиску до 150 евра), туку бруто плата (=350 евра), но вредноста на твојата заработка е претставена од бруто-платата бидејќи и придонесите за социјално, пензиско, здравствено итн. исто така мора да се вклучат во произведената вредност. Во академските/policy дискусии и поради cross-country comparisons во 100% од случаите пракса е да се цитира бруто-платата.
Прифаќам дека почетната плата е нешто пониска од просечната плата, но нема релевантни податоци колкава е разликата. Постојат уште многу проблеми со концептот на просечна плата, но поентата на тој пасус не е да се дискутираат истите, туку да се направи ад-хок проценка на opportunity cost на студирањето во Македонија. Поради тоа дадено е и како е дојдено до сумата, да може секој да види дека пресметката е сензитивна на бројката за просечната плата.
Повели укажи на грешките или погрешните претпоставки во останатите текстови. Во сите мои текстови нема ниту една релевантна бројка која не е цитирана и линкана до релевантен извор, за ралика од 99% од текстовите за економија во македонските медииуми. Многу често за нешто што ти се чини како грешка постои добра причина зошто е тоа така која не е очигледна на прв поглед.