„People of the same trade seldom meet together, even for merriment and diversion, but the conversation ends in a conspiracy against the public, or in some contrivance to raise prices." - Adam Smith (The Wealth of Nations, 1776)
„Луѓето од истиот еснаф ретко се среќаваат меѓу себе, дури ниту за забава и разонода, освен ако разговорот не заврши како завера против јавноста или со некој слична шема за зголемување на цените.„ - Адам Смит, 1776
Една ваква еснафска средба пред два дена организираа македонските тур оператори во врска со новите измени на Законот за туристичка дејност со кои се предвидува одредена либерализација на дејноста. Медиумите (Канал 5, алфа) кои се појавија на пресот некритички го пренесоа ставот на домашните тур оператори во еден прилог од чија конфузност може само да се заклучи дека и самите новинари не разбрале зошто се таму.
People of the same trade seldom meet together, but here they are.
Со измените на Законот, домашните тур оператори ја губат законската привилегија да можат само тие да склучуваат договори со хотелите и туристичките водичи. Со тоа нивната неспособност да донесат туристи повеќе нема да биде заштитена со закон, туку сега и странските туристички агенции со посредство на само еден домашен туристички водич ќе можат да склучуваат договори со хотелите, рестораните и да организираат тури. Ефектот на ваквата поголема слобода во дејноста може да биде само додатни склучени договори и аранжмани, кои до сега поради законската забрана не можеле да се реализираат. Поголемата конкуренција ќе го подигне и квалитетот на работа на туристичките агенции, вклучително и квалитетот на туристичката понуда поради зголемениот број на туристи.
И како што е предвидливо секој пат кога некоја група на специјални економски интереси ќе се соочи со губење на монополските права, тие повикуваат на „воведување ред„ и „законска заштита„. Но законска заштита може да бара само некој кој се чувствува загрозен од фер-третманот кој го добива на пазарот, кој ги наградува способните, а ги казнува неспособните. Законската заштита, најчесто во форма на специјални лиценци, дозволи за работа, комплицирани регулативи, забрани за странски компании да вршат дејност и сл., многу ретко работи во интерес на потрошувачите (туристите), а многу почесто нејзината намена е да ја држи гранката заштитена од нова конкуренција, во полза на неколкуте компании-инсајдери кои ги експлоатираат нивните клиенти (туристите, хотелиерите, сопствениците на ресторани) со повисоки цени и недостаток на иновативност и желба за промена.
Несреќата е во тоа што интересите на потрошувачите никогаш не се и не можат да бидат така добро организирани како оние на еснафот. Потрошувачот троши само мал процент од неговата плата на такси на пример, па така ниту еден од нас не е премногу загрозен од високите цени на таксито за да организира „Здружение за заштита на корисниците на такси„, иако како целина штетата која ја трпат сите потрошувачи е голема. Но таксистите целата своја плата ја вадат од возење такси, па поради тоа во речиси секој град постои Здружение на такси-превозниците. На тој начин, еснафот многу полесно успева да излобира кај властите законски решенија во негова полза, кои се екстрактивни во однос на широката јавност.
Овој принцип уште уште во 1776 му бил јасен на таткото на економијата, шкотскиот филозоф Адам Смит, но се чини ќе почекаме уште долго додека им се разјасни на македонските новинари за да во иднина направат избалансиран прилог со минимум критички осврт.
No comments:
Post a Comment