Thursday, August 23, 2012

Социјални струења


По многу долго време во Македонија се случуваат социјални протести поради поскапувањето на струјата и парното. Сам по себе ова е важен настан што не би смеел да го одминам, но мислам дека ова не е некаков нов и неочекуван развој на настаните туку многу повеќе неизбежна последица на владината економска политика на осиромашување на се поголем слој на граѓани. Премиерот вчера на прес-конференција се обиде да се испере од одговорноста, но не знам кој друг би бил поодговорен за социјалната состојба во државата ако не тој.
На кратко кажано, Македонија е земја која понатаму увезува скапа енергија и тој увоз во иднина се очекува и понатаму да расте. Во 2011, 30.4% од вкупната потрошувачка на електрична енергија дошла од увоз за што сме платиле 161 милиони долари, според Регулаторната комисија, додека за задоволување на 46% од вкупните енергетски потреби (вклучително нафта) Македонија увезува во вредност од 650 милиони долари. 

Пораст на увозот на ел. енергија: За жал бројките од МЕПСО се до 2006 година, 
но споредбено се гледа дека увозот во 2011 е двојно поголем од тој во 2006.

Од друга страна, енергијата што неефикасно ја произведуваме ја продаваме за нереално ниски цени, кои се недоволни да обезбедат средства неопходни за проширување на енергетските капацитети. Заедно со Србија, плаќаме најевтина струја во цела Европа. И во двете држави струјата се уште се третира како социјална категорија, што од една страна го купува социјалниот мир, но од друга страна ја елиминира основната улога на цената во економијата – улогата на сигнал кој допринесува за оптимална распределба на ограничените енергетски и финансиски ресурси со кои располагаме. Со вештачки регулираната цена се создаваат нееднакви услови за компаниите со различна потрошувачка на енергија, се кочи развојот на регионалниот пазар, не се стимулира штедење на енергијата, и се задушуваат економските мотиви за инвестирање во енергетска ефикасност на долг рок, како од страна на потрошувачите (изолација), така и од производителите (обновливи извори, нови инвестиции). Поради овие нарушени incentives, Македонија и Србија се на самото европско дно според енергетската ефикасност (т.е. произведуваме најскапа енергија, која ја продаваме за најевтини цени). Како дел од преземените обврски за приближување кон ЕУ регулативата, цената на струјата до 2015 ќе мора да се искачи до пазарното ниво, а тоа подразбира цени во висина од 18 центи/kWh (просек за ЕУ,2011), наместо сегашните 6 центи/kWh, или поскапување од цели 200% во наредните 3 години. Најверојатно цената на струјата нема да се изедначи веднаш со европскиот просек и ќе продолжи и понатаму да биде субвенционирана од државата, но неизбежно е да се очекува значителен раст на цената на струјата од 50-150% во наредните неколку години
Цената на струјата во Европа за домаќинства во првата половина на 2011, 
споредено со сегашната поскапена цена во Македонија

Во услови на очекуван се поголем раст на побарувачката за енергија, за справување со енергетскиот проблем во земјава потребни се инвестиции во енергетско ефикасни проекти, но приватниот сектор не инвестира бидејќи струјата е регулирана под пазарното ниво (=главната причина поради која пропаѓаат тендерите за енергетските проекти), додека државата исто така не инвестира со години поради други „поважни„ приоритети. Единствениот покрупен енергетски проект во последните 6 години е ХЕЦ „Света Петка„ кој стартуваше со работа пред 3 недели, што ни оддалеку не може да ги задоволи потребите на македонската економија.
Факт е дека постојат моќни приватни интереси (ЕВН), но и партиски влијанија (преку државните ЕЛЕМ и Регулаторната Комисија за Енергетика) во чиј интерес е да бараат поскапување на струјата за да извлечат што поголем профит. Така на пример, безобразно е тоа што монополите ЕЛЕМ и ЕВН трошат пари за реклами и спонзорства, кои потоа влегуваат како „легитимен„ трошок за „производство и дистрибуција на струја„ кои граѓаните треба да ги покријат преку плаќање поскапи сметки. Но и покрај овие коруптивно-профитерски шеми кои придонесуваат за порастот на цената на енергијата, таа и понатаму е пониска одошто треба да биде. Но она што е исто така драматично пониско одошто треба да биде е животниот стандард на граѓаните и социјалниот колапс за кој веќе еднаш пишував. Поради тоа, социјалниот револт кој се јавува кај народот поради поскапувањето на цените и тоа како е легитимен, а начинот на кој премиерот се обидува да ја префрли одговорноста кај регулаторната комисија и тоа како не држи. Цените и платите се како две сечила од ножици. Ако регулаторната комисија го држи едното, тогаш премиерот го држи другото, а животниот стандард се крати благодарение на нивната заедничка интеракција.
Владата се обидува привремено да го купи социјалниот мир преку вештачко ниски цени на струјата, преку вештачко висока вредност на денарот, преку вештачко високи откупни цени на земјоделските производи и преку вештачко високо ниво на платите и вработените во државната администрација, но без реален економски развој ниту едно од четирите не е одджливо на долг рок, и кога тогаш ќе пукне, и нема да буде убава глетката. Да бидам јасен, не велам дека општеството треба да заборави на својата социјална одговорност кон сиромашните домаќинства, какви што се повеќе од 30% од сите домаќинства во земјата, и дека сите треба да плаќаат струја по пазарна цена; за овие луѓе треба да постојат посебни субвенции, какви што веќе се доделуваат преку Министерството за труд. Но ултимативно нема замена за вистински економски раст и развој. За жал се што македонските власти успеаа да постигнат со години наназад е само краткорочно да ги замаскираат и ублажат последиците на нивните политики: експлозија на социјалната нееднаквост, мизерна невработеност и економска стагнација без долгорочна визија за енергетска одджливост.


No comments:

Post a Comment