Информацијата е
моќ, но многу често вистинската информација не доаѓа до оние кои би имале
најмногу корист од неа поради себични интереси, бедна зајадливост или
бирократска инерција. Од лично искуство, 98% од македонските ученици не се
воопшто свесни за можностите за студирање во САД; не бев ниту јас кога завршив
средно и дознав сосема случајно од еден Србин кого го сретнав во Шпанија.
Останатите 2% се оние кои учат во приватни гимназии (НОВА и Турскиот колеџ),
каде уште од прва година ги приремаат за процесот за аплицирање на колеџ преку
совети за тоа кои предмети и воншколски активности треба да ги изберат, каде
можат да аплицираат, припреми за тестирања итн. Така, децата кои учат во
приватни гимназии не се привилегирани само поради економската состојба на
нивните родители, туку многу поважно и поради информациите кои тие пари
успеваат да им ги купат. Но информацијата не кошта ништо да се сподели. Затоа се
надевам дека постов ќе допринесе да се намалат таквите непотребни привилегии и
со ваша помош, шерување по социјалните мрежи и сл, ќе успее да стигне до
неговата целна група и можеби ќе им помогне на некои талентирани деца да го остварат
својот сон.
Каде може да
аплицирате
Голем број
американски универзитети секоја година запишуваат значаен процент странски
студенти (3% е националниот просек) и одреден дел од нив даваат целосни
стипендии, вклучително и трошоци за живот, на студентите кои ќе ги примат. Како дел од стипендијата може да биде понудено и студентска работа (отприлика 10 часа неделно), од каде сосема доволно се заработува за да се покрие и авионската карта и да остане нешто екстра за преку лето. По
правило, универзитетите со целосни стипендии (full financial aid) се оние кои
имаат многу пари, што значи истите оние кои фигурираат меѓу највисоко
рангираните универзитети во САД (и во светот) и е потешко да се влезе. Секоја
година конкуренцијата е се поголема – оваа година Харвард постави нов рекорд со
acceptance rate од само 5.9% од вкупниот број апликанти. Но доколку
универзитетот му понуди место на апликантот, тогаш му даваат стипендија во
склад со финансиската состојба на неговата фамилија (тоа се вика need-blind and
full-need admission policy). За просечна
македонска фамилија тоа речиси секогаш подразбира целосна стипендија.
Универзитетите и колеџите кои даваат целосна стипендија се: Harvard, Princeton,
Yale, MIT, Dartmouth, Amherst, потоа University of Chicago, Wesleyan University,
Skidmore College, Trinity College, Gettysburg College, Williams College,
Vassar, Colby College, а на оваа страница има уште некои универзитети кои тврдат
дека имаат full-need admission, но можеби не се однесува и на странските
апликанти (проверете во Admissions на страната на конкретниот универзитет).
Сите овие универзитети се рангирани во првите 50 во САД, што значи дека
критериумите за прием се исклучително високи. Рангирањето можете да го
проверите на US News Education.
Кој може да
аплицира
Секој кој има
диплома од средно може да аплицира, но тоа не значи дека секој треба да
аплицира, бидејќи процесот на аплицирање е долг, напорен и најголемиот број
универзитети имаат application fee во висина од 50-100$. Поради тоа се
препорачува да аплицирате само доколку имате реални шанси за прием. Нема строго
зададени критериуми и секоја година родителите во САД даваат огромни пари на
тутори и консултанти чија задача е од нивното дете да конструираат профил каков
што тие мислат дека универзитетите бараат, колку и да е тоа недефинирана
категорија. Како и да е, типичниот успешен кандидат од странство има висок
просек од средно (над 4.8), комуницира на англиски без никаков проблем, има барем
една воншколска активност во која е активен и постигнува резултати во истата (курс
по странски јазик не се важи), демонстрира лидерство, учествува и освојува
награди на натпревари или семинари (државни и/или меѓународни) од областа која го
интересира... Предност е и доколку сте имале одредени негативни фамилијарни
околности кои сте морале да ги надминете (самохран родител, социјален случај,
малцинско потекло - од ромска националност, на пример и сл.), бидејќи тоа
покажува силен карактер и бидејќи универзитетите се трудат да ја зголемат
разновидноста на студентите. Еден таков екстремен случај е оваа девојка, која
Харвард ја прими оваа година со посебни почести.
Студирање на друг
континент, колку и да изгледа примамливо од овде, може да биде особен психолошки
предизвик за некои луѓе. Затоа мислам дека доколку никогаш не сте биле сами во
странство на подолг период и не знаете дали и како се адаптирате на туѓа
средина, можеби не е најпаметно да се впуштите во ова.
Што треба за да
аплицирате
Најголемиот дел
од процесот на аплицирање (ако не и целосно електронски) се одвива онлајн.
Најпрво ќе ја симнете апликацијата (сите потребни формулари) од сајтот на
универзитетот за кој сте заинтересирани или ќе ги пополните истите електронски.
Во формуларите треба да одговорите
десетици прашања кои имаат за цел да го откријат вашиот карактер, размислувања,
амбиции, идеи и вредности.
Најверојатно ќе
има и есеј и/или statement of purpose во вид на прашање со подолг одговор, не
повеќе од 2 страни. Македонските стандарди за пишување есеј се малку поразлични
од американските; комитетот на сака да чита патос и стилски фигури, туку нешто
што личи повеќе на политички говор зад кое стои индивидуа со цврст карактер и
амбиција. Прочитајте на интернет примери од есеи пред да почнете да пишувате.
Избегнувајте стереотипни идеи и изрази, бидејќи како правило – колку е
поискрено и поконкретно, толку поголем впечаток ќе оставите.
Ќе ви требаат и
неколку (обично 2) препораки од луѓе кои добро ве познаваат (некој ваш професор
или инструктор, не родители или пријатели), кои ќе треба да кажат за каков
брилијантен потенцијал се работи.
Најтешкиот дел од
аплицирањето е полагањето на SAT тестот. Се работи за стандардизиран тест со
три дела: math, critical reading и writing, кого го полагаат сите апликанти, и странски
и „домашни„. Има и посебни SAT Subject Tests, но не сите школи го бараат тоа,
иако често се препорачани. На официјалниот сајт може да се регистрирате (80$ е registration fee) за една
од датите на кои се полага тестот (во септември или октомври, но регистрацијата
треба да ја направите барем 1 месец порано). Кај нас тестот се полага во
гимназијата НОВА. Неопходно е барем 2 недели спремање, бидејќи тестовите се
многу поразлични од што било друго на кое нашите средношколци се навикнати. Иако
самата математика е релативно едноставна, акцентот е ставен на брзо
размислување и логика. Материјали за подготовка можете да најдете во Британскиот
Совет во Скопје или универзитетската библиотека или да ги симнете онлајн како
торенти. За првите 20 рангирани школи препорачливо е да имате 650/800 на сите
делови, а за солиден резултат се смета над 700/800, иако за странски студенти
толерираат и нешто послаби резултати на writing и cirtical reading поради
јазичната бариера. Cut-off-от од 650/800 одговара на најдобрите 10% од сите ученици.
Иако вашиот слаб SAT score може да биде надоместен со инаку одлична севкупна
апликација, SAT служи како важен индикатор преку кој можат да се споредат илјадниците
различни школски системи ширум светот и воопшто не е за потценување. SAT
subject tests (тестови за поединечни предмети) од друга страна се многу полесни,
лесно се учат и тука за добар резултат важи речиси совршен score (близу 800). Доколку
имате резултати од SAT, повеќето школи не бараат додатно TOEFL тестирање за
познавање англиски.
За крај, ќе ви ги
побараат и официјалните свидетелства и евентуално сертификати или награди кои
ќе ги наведете во апликацијата, преведени и заверени на нотар. Во некои случаи
ќе ги побараат само доколку ве примат, но сигурно ќе ги побараат. Затоа (и не
само затоа) никако не смеете да давате лажни податоци во вашата апликација.
Доколку се откријат какви било лажни податоци, може да ви ја поништат дипломата
и години по дипломирањето.
Конечно, доколку
вашата апликација помине во втората фаза, добар дел од школите ја користат
својата мрежа од алумни за да организираат интервју за потенцијалните апликанти
во најблиската локација во која имаат некого. Интервјуто можеби ќе ви се чини
најстресно, но доколку се што е наведено во апликацијата е искрено и точно и
доколку имате минимум social skills, ќе биде само чиста формалност и нема да
има битно влијание врз конечната одлука.
Каде, кога и како
да аплицирате
Процесот трае
цела една година и подразбира неколку недели интензивна работа на самата апликација и
есејот, покрај подготовките за SAT. Самите рокови за апликацијата варираат од
школо до школо, распоредени од ноември до февруари, но поради SAT тестот мора
да почнете со припреми најкасно во септември. Тоа значи дека апликантите што би
можеле сега да аплицираат за наредната академска година треба штотуку да почнуваат
четврта година средно. Доколку сте веќе запишани на факултет, треба да
аплицирате како трансфер студенти (за школите што воопшто дозволуваат
трансфери), но бројот на примени трансфер студенти е многу мал - само неколку
десетици студенти. Доколку веќе имате факултетска диплома (бачелор), не може да
аплицирате за друга.
Прашањето на кои
универзитети од наведените да аплицирате бара доста истражување (локација, financial
aid policy, “minimum” requirements, deadlines) и важно е колку пари сте
подготвени да инвестирате. Бидејќи веќе аплицирате (SAT важи за сите школи,
есејот може лесно да се прилагоди со мали измени), секоја наредна апликација ќе
ве кошта многу малку дополнително време, но цената за application fees, SAT
scores mailings и слично ќе изнесува околу 100$ по апликација, и брзо може да се
собере значителна сума ако аплицирате на повеќе од 5 места (што и се
препорачува). Споредено со парите и можностите што ќе ги добиете ако ве примат
(100,000-200,000$ за 4 години), тоа не е ништо, но затоа е важно реално да ги
процените вашите шанси и да аплицирате на места од повисок и понизок ранг како
би извлекле максимум веројатност да не извисите таа година. Американците обично
аплицираат на 10-20 школи (но имаат 10 пати поголема плата од нашата).
Доколку се пронаоѓате
во описот на типичниот успешен кандидат и имате желба да студирате на
најпрестижните факултети во Америка, прво што треба да направите е да закажете SAT
термин. По темелно истражување на опциите (вебсајтот на универзитетите е се што
ви треба), треба да одлучите на колку и на кои школи сакате да аплицирате. И
веќе во октомври да почнете да ги составувате апликациите. Ако никогаш во
животот не сте пополниле апликација, нема да биде воопшто едноставно, но не се
откажувајте. Овој пост може да ви служи само како појдовна точка; уште многу
други работи ќе треба да ги направите сами. Би сакал да ви помогнам на
конкретни прашања, но тоа нема да го направам од три причини: 1. Студиите ми
одземаат премногу време. 2. Сите универзитети обично имаат е-мејл специјално за
admissions на кој може да поставувате прашања околу документацијата и
правилата. 3. Доколку не успевате сами да се снајдете во процесот на
аплицирање, тогаш сосема сигурно не сте соодветен кандидат и нема ниту да
успеете да се снајдете во средината и екстремно брзото темпо кога ќе отидете
таму.
За крај, би сакал
да нагласам дека постов е пишуван од мое лично искуство и искуство од разговори
со други луѓе, меѓутоа колку што може поопшто да важи за сите школи. Но имајте
предвид дека јас поминав само низ апликативниот процес за Харвард, и повеќето
со кои имам разговарано имаат исто така аплицирано за Ivy League школи, што
значи дека можно е за некои други школи да е малку поразлично. Ви посакувам многу
среќа во аплицирањето и да имаме што поквалитетно македонско присуство во САД, какви
што се сите оние брилијантни луќе кои веќе ги запознав и кои некој ден можеби
ќе бидат од непроценлива корист за оваа земја.