Thursday, September 27, 2012

Изместени приоритети

"Ако направите една математика меѓу вас, менаџери и газди на компании, за тоа кој е вашиот просек на деца, ќе сфатите дека проблемот е многу поголем од сиромаштијата и невработеноста.„ - ова македонскиот премиер им го порача викендов на бизнисмените, кои кутрите наивно се надеваа дека ќе слушнат мерки за справување со рецесијата и неликвидноста во македонската економија, но наместо тоа добија совети за семејно планирање. Проблемот бил што за сето ова време тие не ја направиле математичката операција броење деца за да увидат каде лежат вистинските проблеми и залудно ги насочувале своите напори во споредни активности како водење бизнис и отварање нови работни места.
Наспроти овој став на премиерот, безмалку на сите анкети за испитување на јавното мислење граѓаните ја посочуваат сиромаштијата и невработеноста како проблеми кои најмногу ги мачат. Што значи дека ние имаме државно водство чии приоритети сериозно се разликуваат од оние на 99% од народот. А кога приоритетите се разликуваат толку драматично, не можеме да очекуваме дека  државата ќе вложи значајни напори и средства да ја подобри ниту невработеноста ниту сиромаштијата. Наместо тоа, премиерот во истиот говор ветува „сериозни мерки„ за справување со „проблемот„ на наталитетот. Ground control to major Tom! Сосема загубивте контакт со реалноста.
И без да навлегувам во перфидното мешање на државата во семејството и дрското посочување на „свеста на луѓето„ како кочничар на економскиот прогрес, главниот проблем е самата логичка (не)исправност на аргументот. Груевски со првоодделенска логика се обидува да објасни зошто наталитетот е толку важен: „Нема економија без луѓе. Ако нема луѓе, нема ни продажба, ни интерес од инвеститори, ниту сериозен раст на економијата.„ Како што впрочем сведочат и тажните примери на економски запуштените држави Луксембург, Лихтенштајн, Монако, Андора, Исланд и Малта. Наспроти светлите економски примери на топ 5-те држави со најголем наталитет: Нигер, Уганда, Замбија, Мали и Брукина Фасо, каде економскиот препород само што не започнал.
Обратно-пропорционалната поврзаност 
на наталитетот и стандардот на живот во светот

Фундаменталната фалинка во аргументот на Груевски е премногу очигледна: Повеќе луѓе значат поголем БДП, но стандардот на живот, она што навистина се брои, се добива кога БДП ќе го поделите со вкупната популација. Популацијата се крати во броителот и именителот и останува она што е навистина важно за квалитетен стандард на живот: инвестициите по глава на жител кои како општество ги правиме за нашата иднина, без разлика дали е тоа во образование, инфраструктура, доверба едни во други или функционален правен систем. За оддржлив раст потребна е држава од која младите нема да сакаат да се отселат, туку напротив илјадници млади од странство ќе сакаат да дојдат и да допринесат со своите знаења и труд; држава која ќе биде и економски и идеолошки отворена кон светот, така што нејзината скромна големина нема да претставува никаква пречка за развој; со други зборови држава каква што Македонија не е во моментов.

Sunday, September 9, 2012

Омилената статистика на премиерот

Кога и да го прашаат нашиот премиер за економијата, без разлика дали во странство или дома, тој постојано повторува една единствена статистика - Светската Банка во својот извештај Doing Business за 2012 година не карактеризира како земја која трета по ред најмногу напредувала, со што го заземаме завидното 22 место. Впрочем и нема што друго да повторува: БДП-то во првиот квартал доживеа пад од 1.4% откако веќе четврта година не покажува значителен раст, невработеноста е највисока во Европа, нееднаквоста и степенот на сиромаштија се рекордни во Европа, а според странските инвестиции сме на дното во регионот. Оттука не разбирам што бара таа неизбришлива насмевка на лицето на Груевски кога ќе му постават прашање за економијата.
Генерално гледано, повисоко рангирање на листата на Doing Business е подобро отколку пониско, иако и тоа не е секогаш точно бидејќи некои од овие регулативи се во судир со заштитата на работничките права и животната средина. Но како и да е, мораме да имаме предвид што тоа рангирање во суштина претставува. Имено, Светската Банка ги рангира земјите според регулативата за водење бизнис, а не според бизнис климата. Тоа значи дека вие уште утре можете да ги донесете сите закони кои Светската Банка ви ги налага за да се пласирате на повисоко место, но бизнисот и понатаму може да ви е мртов доколку многу поважни фактори како реалните услови за инвестирање, корупцијата, политичката стабилност и правниот систем ви се главните проблеми, како што е случајот со Македонија. Еве, и од сајтот на Светската Банка:

Doing Business analyzes regulations that apply to an economy’s businesses during their life cycle, including start-up and operations, trading across borders, paying taxes, and resolving insolvency. Doing Business does not measure all aspects of the business environment that matter to firms and investors. For example, it does not measure security, macroeconomic stability, corruption, the level of skills, or the strength of financial systems.„

Тоа јасно се гледа и од листата на рангирани на која над нас котира Грузија (16), Тајланд (17) и Малезија (18) на пример, а една Руанда е на 45-то место, далеку пред Индија (132) која е една од главните дестинации за странски инвестиции. Еве ги на пример најдобрите 8 реформатори за 2010: на прво место Руанда, потоа Киргизстан, Македонија, Белорусија, Обединети Арапски Емирати, Молдавија, Колумбија, Таџикистан. Сосема реално друштво на земји во кое се наоѓаме според степенот на економски развој. Токму овој податок беше главен адут на премиерот за успесите на неговата економска политика, но во суштина цело време се цитира еден квази-индикатор, кој поради останати економски корелации многу повеќе е индикатор за тоа колку е проблематично да се инвестира во овие земји, отколку на идеалната клима за инвестирање.
Кога соговорникот (премиерот) свесно манипулира со статистиката, тука веќе се исклучува секаков разговор базиран на искреност и интелектуален интегритет. Тоа е доказ за потценување на сопствениот електорат, но можеби може да се разбере од аспект на бескрупулозна борба за власт. Но кога ќе ве прашаат едно конкретно прашање на највлијателнит странски медиум (СиЕнЕн), а вие ќе се направите „на Тошо„ и ќе дадете одговор кој нема никаква врска со прашањето, тогаш веќе не го потценувате само сопствениот народ, туку и водителот, и светската јавност, и конечно е срамно и за целата држава.