"Ако направите една математика меѓу вас, менаџери и газди на компании, за тоа кој е вашиот просек на деца, ќе сфатите дека проблемот е многу поголем од сиромаштијата и невработеноста.„ -
ова македонскиот премиер им го порача викендов на бизнисмените, кои кутрите наивно се надеваа дека ќе слушнат мерки за справување со рецесијата и неликвидноста во македонската економија, но наместо тоа добија совети за семејно планирање. Проблемот бил што за сето ова време тие не ја направиле математичката операција броење деца за да увидат каде лежат вистинските проблеми и залудно ги насочувале своите напори во споредни активности како водење бизнис и отварање нови работни места.
Наспроти овој став на премиерот, безмалку на сите анкети за испитување на јавното мислење граѓаните ја посочуваат сиромаштијата и невработеноста како проблеми кои најмногу ги мачат. Што значи дека ние имаме државно водство чии приоритети сериозно се разликуваат од оние на 99% од народот. А кога приоритетите се разликуваат толку драматично, не можеме да очекуваме дека државата ќе вложи значајни напори и средства да ја подобри ниту невработеноста ниту сиромаштијата. Наместо тоа, премиерот во истиот говор ветува „сериозни мерки„ за справување со „проблемот„ на наталитетот. Ground control to major Tom! Сосема загубивте контакт со реалноста.
И без да навлегувам во перфидното мешање на државата во семејството и дрското посочување на „свеста на луѓето„ како кочничар на економскиот прогрес, главниот проблем е самата логичка (не)исправност на аргументот. Груевски со првоодделенска логика се обидува да објасни зошто наталитетот е толку важен: „Нема економија без луѓе. Ако нема луѓе, нема ни продажба, ни интерес од инвеститори, ниту сериозен раст на економијата.„ Како што впрочем сведочат и тажните примери на економски запуштените држави Луксембург, Лихтенштајн, Монако, Андора, Исланд и Малта. Наспроти светлите економски примери на топ 5-те држави со најголем наталитет: Нигер, Уганда, Замбија, Мали и Брукина Фасо, каде економскиот препород само што не започнал.
Обратно-пропорционалната поврзаност
на наталитетот и стандардот на живот во светот
Фундаменталната фалинка во аргументот на Груевски е премногу очигледна: Повеќе луѓе значат поголем БДП, но стандардот на живот, она што навистина се брои, се добива кога БДП ќе го поделите со вкупната популација. Популацијата се крати во броителот и именителот и останува она што е навистина важно за квалитетен стандард на живот: инвестициите по глава на жител кои како општество ги правиме за нашата иднина, без разлика дали е тоа во образование, инфраструктура, доверба едни во други или функционален правен систем. За оддржлив раст потребна е држава од која младите нема да сакаат да се отселат, туку напротив илјадници млади од странство ќе сакаат да дојдат и да допринесат со своите знаења и труд; држава која ќе биде и економски и идеолошки отворена кон светот, така што нејзината скромна големина нема да претставува никаква пречка за развој; со други зборови држава каква што Македонија не е во моментов.
No comments:
Post a Comment