Tuesday, June 12, 2012
Што бара Груевски на roadshow?
Полесно е по пат на елиминација да стигнеме до одговорот. Значи, причините поради кои Груевски нема што да бара на роудшоу:
1. Италија, Кина, Индија, Малезија, Сингапур, Турција, Шведска, Данска, Норвешка, Финска, секоја посета долга по неколку дена и излегува дека премиерот поминува предолго време надвор од државата, и тоа во време на меѓуетнички тензии кога се случуваа политички протести поради петкратното убиство, и тоа во партиски централизирана држава каде ниту една крупна одлука не може да помине без амин од премиерот.
2. Тајмингот на „роудшоуто„ не можеше да биде полошо избран. Во време на криза, ретко која европска компанија размислува за нови инвестиции. Нејасно е зошто Владата прави екстра напори за привлекување инвестиции токму во овој период.
3. Груевски има лош англиски, така да тешко е да се замисли како тој би придонел кон подобра презентација на бизнис можностите во Македонија.
4. Негативна сигнализација (adverse signaling) во економијата се нарекува феноменот кога преку некоја наша постапка несакајќи и откриваме на другата страна информација за некоја наша скриена негативна карактеристика. Во случајов, присуството на премиерот со (наводна) намера да привлече странски инвестиции им открива на потенцијалните инвеститори информација дека Македонија е земја во која не вреди да се инвестира, штом самите инвеститори не одат во Македонија, туку премиерот мора да ги напушти своите поважни задачи за да дојде кај нив.
Инвеститорите сакаат да инвестираат во земји во кои уживаат сигурна заштита на своите права, односно земји во кои правниот систем функционира доволно за Владата да не мора да интервенира ниту за да ги заштити, ниту за да им наштети на инвеститорите. Идеално за инвеститорот е кога би избегнал каков било контакт со повисоки инстанци во земјата каде ги вложува парите, освен ако не се работи за зделка со која му се даваат пазарни привилегии или монополски права. Во тие случаи, инвеститорите и тоа како сакаат да се сретнат со највисоки инстанци и тоа по правило преку приватна спогодба (наместо јавен тендер), како што случајно или не, до сега беа склучени најголемите инвестиции во Македонија, приватизацијата на монополите Телеком, Окта и ЕСМ. Но приватниот монопол секогаш се склучува на штета на граѓаните.
Тоа ви е исто како сега во Македонија да дојде владина делегација од Суринам (зошто Суринам? затоа што Македонците знаат за Суринам отприлика колку што странците знаат за Македонија) составена од претседателот на земјата, министерот за туризам и министерот за полиција и да ги убедува Македонците дека Суринам е безбедно место за да се оди на одмор. Поради истата причина никогаш нема да го видите премиерот на Грција на роуд шоу за туризам на пример.
5. Самиот концепт за роуд шоу (и без да навлегуваме во несреќното именување) како цуркуски караван кој патува од земја во земја и привлекува странски инвестиции ми се чини припаѓа на некое друго време (барем неколку века наназад). Не дека може да ни штети промоција на инвестициските можности на земјата само по себе, но мерките неопходни за подобрување на инвестициската клима се од сосема друга природа.
Откако останавме без други опции, туризам со државни пари сепак ми изгледа како најреална причина.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
Проблемот е што оние што слепо го поддржуваат Груевски се доминантна маса и ништо не може да им го смени ставот. Тие ќе си гласаат пак за него, макар тој ја направил и најголемата можна глупост.
ReplyDeleteСум забележал дека генерално ставо на активистите на ВМРО се заснова на „А Бранко поарен да не беше?“
Мое мислење е дека Груевски ова го прави чисто од партиски интереси - за пред избори да каже оти работел 24/7 на привлекување странски инвестиции и со тоа да си ги зголеми шансите да добие следен мандат.