Sunday, June 10, 2012

Зошто пропаѓа Македонија

Во продолжение на претходниот пост за новиот бестселер "Why nations fail" од еминентните економисти Аџемоглу и Робинсон, природно се поставува прашањето каде се наоѓа Македонија, т.е. дали нејзините институции се пред се екстрактивни или инклузивни. Секако дека не постојат две строго дефинирани категории, туку повеќе се работи за спектар на инклузивност. И во општество во кое доминираат инклузивните институции, како што е САД, се појавувале низ историјата тежнеења да се загрози таа инклузивност, како што е актуелната доминација на финансиските интереси врз легислативниот процес. Но бидејќи САД се општество со инклузивни институции, таму и понатаму се води жестока политичка битка за воспоставување на регулаторни стандарди за финансиската индустрија (Дод-Франк Актот од 2010) со кои би се зауздале екцесите на Вол Стрит.
Иако е тешко да замислиме инклузивно општество без демократија, сосема е возможно, вообичаено дури, да постои демократија без инклузивни механизми. Самото спроведување на демократски избори (дури и да се сосема регуларни) не е доволно за да обезбеди инклузивни политички и економски институции, бидејќи откако новата политичка елита ќе се консолидира на власт, таа ја (зло)употребува својата моќ за лично богатење. Македонија спаѓа во оние земји во кои доминираат екстрактивните институции, во кои владеачките елити ги штитат своите економски интереси на штета на големото мнозинство граѓани. И како последица на тоа, македонското општество стагнира на економски и културолошки план.

Македонија како пропадната демократија
За 20 години развој како демократско општество (од 1991-2010), македонската економија има забележано просечен годишен кумулативен раст на БДП од само 2.9%. Не само што ова ниво на раст е далеку пониско од просекот на останатите земји во развој за истиот тој период (4-8%, зависно од класификацијата), туку е и пониско од она на групата најразвиени земји од 3.2% (World Bank database). Ова значи дека со вакво темпо на раст, Македонија никогаш не би можела да ги достигне европските држави, туку уште повеќе ќе регресира. Дури и како најгруба и најнепрецизна мерка за општествен прогрес (за причините за тоа во некој нареден пост), растот на македонското БДП сам по себе е индикатор за економска стагнација. Кога на тоа ќе се додадат и катастрофалното зголемување на социјалната нееднаквост, историски гледано рекордната сиромаштија, рекордната невработеност, културната деградација и самиот факт дека мнозинството млади не сакаат да живеат во сопствената држава, јасно е дека економската стагнација добива димензија на цивилизациски регрес. Пред ваквата поразувачка слика, либералните придобивки како слободата на изразување мислење, правото на глас, формално-правната еднаквост и економската отвореност служат како недоволна утеха за разочарувањето што го донесе идејата за македонска демократија.  

Примопредавање на власта: челичниот закон на олигархијата  

Забите и смукалата на македонската демократија
Македонската демократија е фасада од закони и процедури и таа ја промашува својата основна цел - да овозможи рамка преку која мнозинството граѓани ќе можат да ги остварат своите интереси. Доказ за ова е податокот дека според сите анкети мнозинството граѓани се разочарани од политичкиот процес, разочарани од елитите за кои гласале и од можностите кои општеството им ги нуди. Сето ова сведочи за нискиот степен на инклузивност на институциите. По колапсот на социјализмот во светот, Македонија повеќе по сила на историска инерција, поради она што се случуваше во нејзиното опкружување, отколку поради внатрешната политичка зрелост, реши да се демократизира како општество. Но како што предвидува 'челичниот закон на олигархијата', социјалистичките екстрактивни институции само се заменија со нова политичка елита, но нивната екстрактивна природа остана непроменета. Во Македонија, во прво време дури ни политичката елита не се промени, туку СДСМ како наследничка на СКМ продолжи да владее и во хаосот кој настана по распадот на Федерацијата успеа непречено да го спроведе создавањето на македонската олигархиска елита која произлезе од поддржувачите на таа партија. Од тогаш па наваму, секоја промена на власта во Македонија се карактеризираше со преземање на екстрактивните механизми затекнати од претходната владејачка гарнитура, полнење со нови партиски кадри и понатамошно јакнење на нивниот потенцијал за екстракција на економски ресурси од мнозинството граѓани. Вреди овде да се набројат доминантните практики преку кои се спроведува процесот на екстракција:
  • преку контрола на судството и селективна примена на законите: дисциплинскиот апарат на власта е брутално доследен во казнувањето, контролите, уценувањата на бизнисмените кои не се поддржувачи на власта, додека им прогледува низ прсти на поддржувачите.
  • директно склучување договори за услуги со власта. Во услови кога дури 38% од вкупната економска активност во земјата оди преку централниот буџет (=буџетски расходи/БДП за 2012, Министерсво за финансии) јасно е дека власта има огромна дискрециона моќ за тоа каде може да ги пренасочи парите собрани преку јавните даноци. (во поново време, фрапантен е примерот со компанијата „Република„ која постојано голта енормни пари од буџетот за кампањи без никаква целисходност)
  • даночната политика: рамниот данок во комбинација со системот на социјални придонеси и ДДВ-то придонесува за регресивен даночен систем, во кој најсиромашните слоеви граѓани плаќаат најголем процент од своите приходи во даноци, а најбогатите најмалку.
  • криминалната приватизација на државните компании, спроведена преку кршење на правата на акционерите, раскрчмување на имотот на компаниите, наместени тендери и продажни договори.
  • создавањето приватни монополи (Телеком, Окта, ЕСМ) преку кои на приватни интереси им се даде моќ да го исцедат народот преку монополистичката ценовна политика, во замена за удел во профитот од пљачкањето на сопствениот народ (владината дивиденда од Телекомот), политичка поддршка или митото кое било дел од нетранспарентните договори, за кои сега дознаваме и допрва ќе се дознава.
  • осакатувањето на македонскиот човечки капитал преку партизираноста на кадровската политика во јавните институции, па дури и приватните компании. Партизираноста на одлуките на највисоките инстанци се префрла се до најниското ниво на одлучување, што придонесува илјадници млади кои имаат знаење, способност и креативност да се осеќаат нереализирано и без професионална перспектива во својата земја.
Секоја од овие точки заслужува посебен пост (и ќе го добие во иднина). Но во овој момент, битно е да се нагласи „големата слика„, да се увиди дека сите овие симптоми не се случајни, ниту назвисни еден од друг, туку имаат заеднички содржател - јакнењето на екстрактивните институции; и заеднички последица - уништувањето на секаква мотивација да се инвестира во каков било физички или човечки капитал, а со тоа и да се постигне економски раст во оваа економија. Наместо тоа, постојат јасни економски мотиви да се инвестира во „партиски капитал„, врски со власта, послушност, одржување и понатамошно јакнење на екстрактивниот капацитет на институциите.


Од Нијази-бег до Урко - историскиот развој на македонските елити
Зошто САД и Западна Европа успеаа да оформат прогресивни институции, додека Македонија и останатите земји од Западен Балкан не? Според Аџемоглу и Робинсон тоа се должи на историското институционално наследство. Додека во САД и Велика Британија постоеше долга парламентарна традиција (кои ја доведуваат во врска со Средниот Век, Чумата, транслатлантската трговија и природните фактори), а во Западна Европа наследството на Француската Револуција придонесе да се формираат инклузивни институции, на Балканот се до крајот на 19 век владееше Отоманската Империја, со крајно екстрактивниот систем на даноци, социјалната и класна подвоеност, и економската затвореност (на пример, во Отоманската Империја се до 19 век било забрането печатењето, цели 5 века од појавата на технолошката иновација на Гутенберг). На овие простори, логиката дека властодржецот треба да ја преземе и продолжи експлоатација на мнозинството, а мнозинството некритички да ја прифати власта останува иста од епоха во епоха. Се менуваат само елитите.
За време на Отоманската Империја, елитите во Македонија беа одредени по религиозна и класна основа: големопоседниците биле Турци муслимани, директни поданици на султанот, на чии поседи работела рајата. За време на српското владеење во Македонија, елитата се формира по национална линија. По Втората Светска Војна, КПМ се здобива со речиси тотална контрола врз општественото живеење во земјата. Комунистичкиот систем почнува да продуцира на универзитетите своја идеолошки подобна елита без разлика на потеклото со која ги пополнува институциите и центрите на моќ. Во ова време, Македонија доживува одреден степен на експанзивен стопански развој, масовно описменување, модернизација, изградба на инфраструктурата. Аџемоглу и Робинсон исто така забележуваат дека комунистичките режими успеваат да достигнат високо ниво на економски раст, но тоа е раст кој се сведува на catching up и е ултимативно неоддржлив на долг рок, бидејќи не може да произведе автономна технолошка иновација. Со распадот на СССР и Југославија оваа опсервација се потврдува и во пракса. Со почетокот на демократијата, елитата во Македонија се „демократизира„ на ист начин. Таа веќе не се одбира ниту по линија на религиозна, класна и национална припадност, ниту по степен на образование и идеолошка верност на идеалите на партијата како во времето на социјализмот. Демократизацијата е тотална до тој степен што сега секој може да стане елита, се додека беспоговорно ги спроведува есктрактивните политики на власта. Денес и муслиманот Велија, и Албанецот Ахмети, и магистарот Урко, и човек со идеолошка доследност од типот на Ѕинго можат да бидат и биле дел од општествената елита. Аирлија демократија.

12 comments:

  1. Go imas li tekstot na angliski?
    Fala

    ReplyDelete
  2. Не, сите се оригинални текстови пред се наменети за македонската публика. Квалитетни текстови на англиски за интернационални теми од познати економисти барајте во блоговите што ги имам линкано.

    ReplyDelete
  3. agree... mislam deka treba da gi preveduvas na angliski tekstovive, na primer toj pred posledniov mnogu bi salala da go share...

    ReplyDelete
  4. Da, toa bese i mojata primarna cel.

    ReplyDelete
  5. Супер изелаборирано! Сега прашањето е, што можеме ние обичните граѓани да направиме, за да го смениме механизмот на владеење? (Веројатно некоја форма на протест е во игра, ама историски кај нас се покажало дека освен ако не се политички организирани, не може да се собере критична маса)

    Овде не зборувам да се избориме се собори владата на ВМРО за да дојде СДСМ на власт, туку како да се смени концептот на владеење, за да нема проста замена на екстрактивниот механизам од елитата која ја презема власта по избори? Уште поважно, како би се дизајнирал еден добар модел на владеење, кој ќе биде отпорен на корумпираност?

    ReplyDelete
    Replies
    1. а да.. го заборави д-р. Латас да го спомнеш :D

      Delete
  6. Океј Горан, сфаќаме во што е проблемот. Како да ја спасиме државава?

    ReplyDelete
  7. -Решението во Македонија не е ништо поразлично од процесот во сите други држави. Но колку што е едноставен одговорот, толку е макотрпна неговата реализација. Ако проблемот е во институциите на системот, тогаш решението мора да лежи во нивната промена: соголување и согледување на проблемите, разликување на вистината од пропагандата, изразување бес и револт, вршење притисок врз елитите со цел да се воведат инклузивни наместо екстрактивни институции.

    Промената се чини невозможна поради позитивните спреги (feedback loops) кои овозможуваат системот да опстојува во состојба на рамнотежа, но тоа што сме заглавени во лош еквилибриум не значи дека друга состојба не е можна. За социјалната конвенција како рамнотежна состојба и импликациите за општествените промени (ова е цела една гранка на академско истражување во политичката наука и game-теоретските модели) во некој нареден пост.

    ReplyDelete
  8. Налетав некаде дека излегла книга и почнав да го следам нивниот блог.

    Го ставам текстов во to-read.

    Патем, пред неколку години пишував слично со влечење паралели од The Bottom Billion на Paul Collier:
    http://novica.softver.org.mk/node/522
    http://novica.softver.org.mk/node/523
    http://novica.softver.org.mk/node/525
    http://novica.softver.org.mk/node/529
    http://novica.softver.org.mk/node/531

    Целото го има вака: http://off.net.mk/bookbox/chitanka/gostin-urednik-novica-nakov

    ReplyDelete
  9. Одлично елаборирано и претставено Горан... а ова го кажува некој кој нема некој особен интерес ни знаење од политиката, но е бездруго засегнат од како од минатите, така и од моменталните случувања во оваа наша земја. Со нетрпение очекувам да читам повеќе од тебе и во иднина.
    Ах, и за тоа, дали би можел/сакаш да ја овозможиш можноста за "Subscribers" на твојот ФБ профил, како некој полесно би ги следел твоите идни постови, или пак стриктно преферираш да го користеме блогот?
    Поздрав,

    - Никола

    ReplyDelete
  10. Ova e najtočnata statija što ja imam pročitano.
    Dobro e što nekoj gleda, i kažuva deka gi gleda štetnite mehanizmi vo državata.
    Pozdrav, i ke sledam što pišuvaš.
    P.S. Imam ideja deka može da se napravi onlajn sistem, kade što gragjanite bi možele da glasaat i da predložuvaat temi i problemi koi treba da se rešavaat vo državata, za da navistina živeeme kako što treba. I taka nad 50% luge imaat pristap do internet.
    Smetam deka vlasta ne treba da e diskreciona beneficija na odreden broj na luge.
    Pravo na glasanje na izbori treba da prerasne vo pravo na odlučuvanje na mnozinstvoto.

    ReplyDelete
  11. https://fbcdn-sphotos-h-a.akamaihd.net/hphotos-ak-xpf1/v/t34.0-12/10846599_1379383042358278_1277994424_n.jpg?oh=4629217b0af8634fbbd3642926da61fc&oe=548B0595&__gda__=1418419361_38fb998bb0dd7bb2887a76ac6c3dc17e

    ReplyDelete