Sunday, June 17, 2012

Туристичка завера

„People of the same trade seldom meet together, even for merriment and diversion, but the conversation ends in a conspiracy against the public, or in some contrivance to raise prices." - Adam Smith (The Wealth of Nations, 1776)
„Луѓето од истиот еснаф ретко се среќаваат меѓу себе, дури ниту за забава и разонода, освен ако разговорот не заврши како завера против јавноста или со некој слична шема за зголемување на цените.„ - Адам Смит, 1776

Една ваква еснафска средба пред два дена организираа македонските тур оператори во врска со новите измени на Законот за туристичка дејност со кои се предвидува одредена либерализација на дејноста. Медиумите (Канал 5, алфа) кои се појавија на пресот некритички го пренесоа ставот на домашните тур оператори во еден прилог од чија конфузност може само да се заклучи дека и самите новинари не разбрале зошто се таму. 

People of the same trade seldom meet together, but here they are.

Со измените на Законот, домашните тур оператори ја губат законската привилегија да можат само тие да склучуваат договори со хотелите и туристичките водичи. Со тоа нивната неспособност да донесат туристи повеќе нема да биде заштитена со закон, туку сега и странските туристички агенции со посредство на само еден домашен туристички водич ќе можат да склучуваат договори со хотелите, рестораните и да организираат тури. Ефектот на ваквата поголема слобода во дејноста може да биде само додатни склучени договори и аранжмани, кои до сега поради законската забрана не можеле да се реализираат. Поголемата конкуренција ќе го подигне и квалитетот на работа на туристичките агенции, вклучително и квалитетот на туристичката понуда поради зголемениот број на туристи.
И како што е предвидливо секој пат кога некоја група на специјални економски интереси ќе се соочи со губење на монополските права, тие повикуваат на „воведување ред„ и „законска заштита„. Но законска заштита може да бара само некој кој се чувствува загрозен од фер-третманот кој го добива на пазарот, кој ги наградува способните, а ги казнува неспособните. Законската заштита, најчесто во форма на специјални лиценци, дозволи за работа, комплицирани регулативи, забрани за странски компании да вршат дејност и сл., многу ретко работи во интерес на потрошувачите (туристите), а многу почесто нејзината намена е да ја држи гранката заштитена од нова конкуренција, во полза на неколкуте компании-инсајдери кои ги експлоатираат нивните клиенти (туристите, хотелиерите, сопствениците на ресторани) со повисоки цени и недостаток на иновативност и желба за промена.
Несреќата е во тоа што интересите на потрошувачите никогаш не се и не можат да бидат така добро организирани како оние на еснафот. Потрошувачот троши само мал процент од неговата плата на такси на пример, па така ниту еден од нас не е премногу загрозен од високите цени на таксито за да организира „Здружение за заштита на корисниците на такси„, иако како целина штетата која ја трпат сите потрошувачи е голема. Но таксистите целата своја плата ја вадат од возење такси, па поради тоа во речиси секој град постои Здружение на такси-превозниците. На тој начин, еснафот многу полесно успева да излобира кај властите законски решенија во негова полза, кои се екстрактивни во однос на широката јавност. 
Овој принцип уште уште во 1776 му бил јасен на таткото на економијата, шкотскиот филозоф Адам Смит, но се чини ќе почекаме уште долго додека им се разјасни на македонските новинари за да во иднина направат избалансиран прилог со минимум критички осврт.

Friday, June 15, 2012

Поучен виц (nerdish)

Овој виц се врти уште од поодамна на Интернет, но од поскоро го има во една нова верзија поради кризата во Грција. (преземено од он.нет):
Богат германски турист вози низ едно грчкo село, застанува пред локален хотел, остава 100 евра на рецепција и му кажува на газдата дека сака прво да ги разгледа собите и сам да одбере во која ќе преноќи.  Газдата му дава клучеви и веднаш штом Германецот почнал да се качува по скалите, овој ги зграпчува стоте евра и трча до комшијата касап за да му го врати долгот. Касапот ги зема парите и веднаш оди кај фармерот за да му ги врати парите што му ги должи. Овој ја прибира банкнотата и тргнува право кај својот добавувач, за да му плати за храната и горивото. Добавувачот не чека ни секунда, вози во локалната таверна за да си го расчисти рабушот. Сопственикот на таверната ги зема 100-те евра и веднаш ѝ ги пика во деколте на една локална проститутка која пиела на шанк, а која претходно му понудила услуга на рецка. Проститутката станува и трча во хотелот за да си ја плати собата, давајќи му ги парите на Гркот кој прв ги доби стоте евра. Овој во секунда ги враќа парите на рецепција за да не се посомнева туристот. Во тој момент Германецот се симнува по скали, си ги зема парите, се жали дека не е задоволен од понуденото и го напушта селото. И така, никој ништо не произведува и никој ништо не заработува, а сите си ги враќаат долговите.

Причината поради која на луѓето им е смешен вицот е урнебесно апсурдниот начинот на кој оваа микро-економија функционира, која на повеќето им се чини толку различна од реалната економија, од тоа како таа навистина „би требало„ да функционира. Но причината поради која јас го сакам овој виц е токму обратното - тоа што тој претставува совршена аналогија на реалната економија и може да ни послужи како одличен модел да се разберат основите на модерната макроекономија и Кејнзијанската теорија, кои се неизбежни во секоја економска дискусија, па и во иднина на овој блог за добар дел од постовите кои ќе се однесуваат на европската и грчката криза.

Грчкото село како модел за глобалната економија
Во моментот кога Германецот пристигнува во грчкото село, не постои никаква економска активност, односно владее економска криза, предизвикана поради криза на ликвидност (исто како во сегашната глобална рецесија). Имено, иако сите жители се работоспосбни и желни за работа, секој на секого му должи пари, така што никој нема доволно пари за трошење (во економскиот жаргон се вели намалена агрегатна побарувачка) и поради тоа никој не може да почне да работи, платите каснат, а економијата стагнира. Важно да се запази е тоа што кризата во случајов не е предизвикана од никакви реални фактори: нема никаква природна катастрофа, ниту квалитетот на таверната е опаднат, ниту цената на горивото е покачена за добавувачот да не може да работи, ниту продуктивноста на фармерот е опадната, ниту пак проститутката е на боловање. Кризата едноставно е продукт на институционален „баг„ во начинот на кој сите учесници се поврзани во финансискиот систем. На сличен начин, презадолженоста на домакинствата во отплаќање на нивните хипотеки беше тригер за Големата Рецесија во 2008-та.
Улогата на германскиот спасител во овој случај и припаѓа на централната власт и таа интервенција може да се интерпретира на два начина: фискална или монетарна, кои всушност се и двата главни канали преку кои власта може да влијае на макроекономските текови.
Замислете најпрво дека станува збор за монетарна интервенција, што значи дека централната власт (Централната Банка, т.е. НБРМ во случајот на Македонија) пушта во оптек поголема количина банкноти (пари) кои не чинат ништо за да се испечатат. Новите пари најчесто влегуваат во економијата во форма на евтини заеми (преку намалени каматни стапки). Така, кога Германецот доаѓа со својата банкнота од 100 евра, се враќаат сите долгови и циклусот на давање услуги преку задолжување може да започне уште еднаш, и со тоа заживува економијата. (ова под претпоставка дека задолжувањето е нормален модус на функционирање на оваа економија. Аналогно, без никаква промена на поентата, економскиот циклус може да тече и без задолжување и во тој случај самото кружење на банкнотата за плаќање на услугите ќе ја заживее економската активност).
Во втората верзија (фискална интервенција), Германецот ја претставува самата извршна власт (Владата), која се задолжува кај банките, ги троши парите (давајќи субвенции на хотелиерите во случајов), притоа нивната куповна моќ се зголемува, па тие ги трошат парите кај месарот, овој кај фармерот, тој кај добавувачот, тој кај проститутката итн. На крајот од циклусот Владата повторно ги собира парите назад преку даноци и им ги враќа на банките, со таа разлика што фискалната интервенција успеала да ја поттикне агрегатната побарувачка и да ја извлече економијата од криза.
Тукушто ја опишав суштината на теоријата на Кејнз со помош на која светот излезе од Големата Депресија во 30-те години и оттогаш претставува темел на макроекономската политика на речиси сите држави во светот (политика на т.н. анти-циклична интервенција, која подразбира монетарна и/или фискална интервенција во време на криза).

Џон М. Кејнз

Што може да тргне наопаку?
Две работи.
1. Замислете дека хотелиерот му должи на касапот не 100, туку 70 евра. Останатите 30 евра, наместо да ги потроши, хотелиерот ги става во банка за црни денови. Месарот исто така му должи помала сума на фармерот, а 30% од своите новодобиени 70 евра исто така става на страна. На овој начин ефектот на монетарната експанзија од 100 евра е значително помал, бидејќи додека парите стигнат до проститутката, тие се значително намалени, па таа нема да може да си ја плати собата, што значи дека заздравувањето на економијата има ограничен ефект. Овде се работи за добро познатиот multiplier effect, односно колкав економски раст може да очекуваме како последица на фискалната или монетарната експанзија. По правило, доколку парите одат кај посиромашните слоеви, поверојатно е дека тие ќе бидат целосно потрошени, а не заштедени, бидејќи овие домаќинства секогаш имаат потреби кои не можат да ги задоволат со потрошувачки кредити од банките (поради намалена кредитоспособност).
2. Втората работа што може да тргне наопаку е наместо зголемена економска активност, да рипнат цените. Замислете дека касапот нема повеќе јагниња за колење, дека добавувачот веќе работи 12 часа дневно и дека проститутката е пребукирана. Што ќе се случи кога ќе дојде нов муштерија со својата банкнота од 100 евра и ќе побара уште услуги? Логично е дека цената на услугите и јагнешкото ќе рипне, односно ќе настане инфлација, што предизвикува нестабилност на цените, што пак повлекува несигурна инвестициска клима. Инфлацијата е примарниот страв на централните банки чија задача е да одджуваат ценовна стабилност. Поради тоа, во услови кога економијата работи на својот полн потенцијал, не е мудро да се интервенира монетарно, бидејќи единствениот ефект би бил инфлационен. Овде значи се работи за другата страна на циклусот, кога велиме дека власта треба да води анти-циклична политика: монетарна/фискална експанзија тогаш кога економијата е во рецесија, а намалување на количината пари во оптек (т.е. зголемување на каматите) во случај на забрзан раст и инфлација.

Можеби се прашувате зошто тогаш ако европската економија е во рецесија, се обрнува толку внимание на мерките за штедење? Зошто инфлацијата во ЕУ е толку ниска, а Европската Централна Банка постојано е загрижена за ценовната стабилност наместо за огромната невработеност и можноста од двојна рецесија? И јас се прашувам искрено, но одговорите, ќе видиме, имаат повеќе политичка, отколку економска логика.

Tuesday, June 12, 2012

Што бара Груевски на roadshow?


Полесно е по пат на елиминација да стигнеме до одговорот. Значи, причините поради кои Груевски нема што да бара на роудшоу:

1.  Италија, Кина, Индија, Малезија, Сингапур, Турција, Шведска, Данска, Норвешка, Финска, секоја посета долга по неколку дена и излегува дека премиерот поминува предолго време надвор од државата, и тоа во време на меѓуетнички тензии кога се случуваа политички протести поради петкратното убиство, и тоа во партиски централизирана држава каде ниту една крупна одлука не може да помине без амин од премиерот.

2.  Тајмингот на „роудшоуто„ не можеше да биде полошо избран. Во време на криза, ретко која европска компанија размислува за нови инвестиции. Нејасно е зошто Владата прави екстра напори за привлекување инвестиции токму во овој период.

3.  Груевски има лош англиски, така да тешко е да се замисли како тој би придонел кон подобра презентација на бизнис можностите во Македонија.

4.  Негативна сигнализација (adverse signaling) во економијата се нарекува феноменот кога преку некоја наша постапка несакајќи и откриваме на другата страна информација за некоја наша скриена негативна карактеристика. Во случајов, присуството на премиерот со (наводна) намера да привлече странски инвестиции им открива на потенцијалните инвеститори информација дека Македонија е земја во која не вреди да се инвестира, штом самите инвеститори не одат во Македонија, туку премиерот мора да ги напушти своите поважни задачи за да дојде кај нив.
Инвеститорите сакаат да инвестираат во земји во кои уживаат сигурна заштита на своите права, односно земји во кои правниот систем функционира доволно за Владата да не мора да интервенира ниту за да ги заштити, ниту за да им наштети на инвеститорите. Идеално за инвеститорот е кога би избегнал каков било контакт со повисоки инстанци во земјата каде ги вложува парите, освен ако не се работи за зделка со која му се даваат пазарни привилегии или монополски права. Во тие случаи, инвеститорите и тоа како сакаат да се сретнат со највисоки инстанци и тоа по правило преку приватна спогодба (наместо јавен тендер), како што случајно или не, до сега беа склучени најголемите инвестиции во Македонија, приватизацијата на монополите Телеком, Окта и ЕСМ. Но приватниот монопол секогаш се склучува на штета на граѓаните.
Тоа ви е исто како сега во Македонија да дојде владина делегација од Суринам (зошто Суринам? затоа што Македонците знаат за Суринам отприлика колку што странците знаат за Македонија) составена од претседателот на земјата, министерот за туризам и министерот за полиција и да ги убедува Македонците дека Суринам е безбедно место за да се оди на одмор. Поради истата причина никогаш нема да го видите премиерот на Грција на роуд шоу за туризам на пример.

5.  Самиот концепт за роуд шоу (и без да навлегуваме во несреќното именување) како цуркуски караван кој патува од земја во земја и привлекува странски инвестиции ми се чини припаѓа на некое друго време (барем неколку века наназад). Не дека може да ни штети промоција на инвестициските можности на земјата само по себе, но мерките неопходни за подобрување на инвестициската клима се од сосема друга природа.

Откако останавме без други опции, туризам со државни пари сепак ми изгледа како најреална причина.

Sunday, June 10, 2012

Зошто пропаѓа Македонија

Во продолжение на претходниот пост за новиот бестселер "Why nations fail" од еминентните економисти Аџемоглу и Робинсон, природно се поставува прашањето каде се наоѓа Македонија, т.е. дали нејзините институции се пред се екстрактивни или инклузивни. Секако дека не постојат две строго дефинирани категории, туку повеќе се работи за спектар на инклузивност. И во општество во кое доминираат инклузивните институции, како што е САД, се појавувале низ историјата тежнеења да се загрози таа инклузивност, како што е актуелната доминација на финансиските интереси врз легислативниот процес. Но бидејќи САД се општество со инклузивни институции, таму и понатаму се води жестока политичка битка за воспоставување на регулаторни стандарди за финансиската индустрија (Дод-Франк Актот од 2010) со кои би се зауздале екцесите на Вол Стрит.
Иако е тешко да замислиме инклузивно општество без демократија, сосема е возможно, вообичаено дури, да постои демократија без инклузивни механизми. Самото спроведување на демократски избори (дури и да се сосема регуларни) не е доволно за да обезбеди инклузивни политички и економски институции, бидејќи откако новата политичка елита ќе се консолидира на власт, таа ја (зло)употребува својата моќ за лично богатење. Македонија спаѓа во оние земји во кои доминираат екстрактивните институции, во кои владеачките елити ги штитат своите економски интереси на штета на големото мнозинство граѓани. И како последица на тоа, македонското општество стагнира на економски и културолошки план.

Македонија како пропадната демократија
За 20 години развој како демократско општество (од 1991-2010), македонската економија има забележано просечен годишен кумулативен раст на БДП од само 2.9%. Не само што ова ниво на раст е далеку пониско од просекот на останатите земји во развој за истиот тој период (4-8%, зависно од класификацијата), туку е и пониско од она на групата најразвиени земји од 3.2% (World Bank database). Ова значи дека со вакво темпо на раст, Македонија никогаш не би можела да ги достигне европските држави, туку уште повеќе ќе регресира. Дури и како најгруба и најнепрецизна мерка за општествен прогрес (за причините за тоа во некој нареден пост), растот на македонското БДП сам по себе е индикатор за економска стагнација. Кога на тоа ќе се додадат и катастрофалното зголемување на социјалната нееднаквост, историски гледано рекордната сиромаштија, рекордната невработеност, културната деградација и самиот факт дека мнозинството млади не сакаат да живеат во сопствената држава, јасно е дека економската стагнација добива димензија на цивилизациски регрес. Пред ваквата поразувачка слика, либералните придобивки како слободата на изразување мислење, правото на глас, формално-правната еднаквост и економската отвореност служат како недоволна утеха за разочарувањето што го донесе идејата за македонска демократија.  

Примопредавање на власта: челичниот закон на олигархијата  

Забите и смукалата на македонската демократија
Македонската демократија е фасада од закони и процедури и таа ја промашува својата основна цел - да овозможи рамка преку која мнозинството граѓани ќе можат да ги остварат своите интереси. Доказ за ова е податокот дека според сите анкети мнозинството граѓани се разочарани од политичкиот процес, разочарани од елитите за кои гласале и од можностите кои општеството им ги нуди. Сето ова сведочи за нискиот степен на инклузивност на институциите. По колапсот на социјализмот во светот, Македонија повеќе по сила на историска инерција, поради она што се случуваше во нејзиното опкружување, отколку поради внатрешната политичка зрелост, реши да се демократизира како општество. Но како што предвидува 'челичниот закон на олигархијата', социјалистичките екстрактивни институции само се заменија со нова политичка елита, но нивната екстрактивна природа остана непроменета. Во Македонија, во прво време дури ни политичката елита не се промени, туку СДСМ како наследничка на СКМ продолжи да владее и во хаосот кој настана по распадот на Федерацијата успеа непречено да го спроведе создавањето на македонската олигархиска елита која произлезе од поддржувачите на таа партија. Од тогаш па наваму, секоја промена на власта во Македонија се карактеризираше со преземање на екстрактивните механизми затекнати од претходната владејачка гарнитура, полнење со нови партиски кадри и понатамошно јакнење на нивниот потенцијал за екстракција на економски ресурси од мнозинството граѓани. Вреди овде да се набројат доминантните практики преку кои се спроведува процесот на екстракција:
  • преку контрола на судството и селективна примена на законите: дисциплинскиот апарат на власта е брутално доследен во казнувањето, контролите, уценувањата на бизнисмените кои не се поддржувачи на власта, додека им прогледува низ прсти на поддржувачите.
  • директно склучување договори за услуги со власта. Во услови кога дури 38% од вкупната економска активност во земјата оди преку централниот буџет (=буџетски расходи/БДП за 2012, Министерсво за финансии) јасно е дека власта има огромна дискрециона моќ за тоа каде може да ги пренасочи парите собрани преку јавните даноци. (во поново време, фрапантен е примерот со компанијата „Република„ која постојано голта енормни пари од буџетот за кампањи без никаква целисходност)
  • даночната политика: рамниот данок во комбинација со системот на социјални придонеси и ДДВ-то придонесува за регресивен даночен систем, во кој најсиромашните слоеви граѓани плаќаат најголем процент од своите приходи во даноци, а најбогатите најмалку.
  • криминалната приватизација на државните компании, спроведена преку кршење на правата на акционерите, раскрчмување на имотот на компаниите, наместени тендери и продажни договори.
  • создавањето приватни монополи (Телеком, Окта, ЕСМ) преку кои на приватни интереси им се даде моќ да го исцедат народот преку монополистичката ценовна политика, во замена за удел во профитот од пљачкањето на сопствениот народ (владината дивиденда од Телекомот), политичка поддршка или митото кое било дел од нетранспарентните договори, за кои сега дознаваме и допрва ќе се дознава.
  • осакатувањето на македонскиот човечки капитал преку партизираноста на кадровската политика во јавните институции, па дури и приватните компании. Партизираноста на одлуките на највисоките инстанци се префрла се до најниското ниво на одлучување, што придонесува илјадници млади кои имаат знаење, способност и креативност да се осеќаат нереализирано и без професионална перспектива во својата земја.
Секоја од овие точки заслужува посебен пост (и ќе го добие во иднина). Но во овој момент, битно е да се нагласи „големата слика„, да се увиди дека сите овие симптоми не се случајни, ниту назвисни еден од друг, туку имаат заеднички содржател - јакнењето на екстрактивните институции; и заеднички последица - уништувањето на секаква мотивација да се инвестира во каков било физички или човечки капитал, а со тоа и да се постигне економски раст во оваа економија. Наместо тоа, постојат јасни економски мотиви да се инвестира во „партиски капитал„, врски со власта, послушност, одржување и понатамошно јакнење на екстрактивниот капацитет на институциите.


Од Нијази-бег до Урко - историскиот развој на македонските елити
Зошто САД и Западна Европа успеаа да оформат прогресивни институции, додека Македонија и останатите земји од Западен Балкан не? Според Аџемоглу и Робинсон тоа се должи на историското институционално наследство. Додека во САД и Велика Британија постоеше долга парламентарна традиција (кои ја доведуваат во врска со Средниот Век, Чумата, транслатлантската трговија и природните фактори), а во Западна Европа наследството на Француската Револуција придонесе да се формираат инклузивни институции, на Балканот се до крајот на 19 век владееше Отоманската Империја, со крајно екстрактивниот систем на даноци, социјалната и класна подвоеност, и економската затвореност (на пример, во Отоманската Империја се до 19 век било забрането печатењето, цели 5 века од појавата на технолошката иновација на Гутенберг). На овие простори, логиката дека властодржецот треба да ја преземе и продолжи експлоатација на мнозинството, а мнозинството некритички да ја прифати власта останува иста од епоха во епоха. Се менуваат само елитите.
За време на Отоманската Империја, елитите во Македонија беа одредени по религиозна и класна основа: големопоседниците биле Турци муслимани, директни поданици на султанот, на чии поседи работела рајата. За време на српското владеење во Македонија, елитата се формира по национална линија. По Втората Светска Војна, КПМ се здобива со речиси тотална контрола врз општественото живеење во земјата. Комунистичкиот систем почнува да продуцира на универзитетите своја идеолошки подобна елита без разлика на потеклото со која ги пополнува институциите и центрите на моќ. Во ова време, Македонија доживува одреден степен на експанзивен стопански развој, масовно описменување, модернизација, изградба на инфраструктурата. Аџемоглу и Робинсон исто така забележуваат дека комунистичките режими успеваат да достигнат високо ниво на економски раст, но тоа е раст кој се сведува на catching up и е ултимативно неоддржлив на долг рок, бидејќи не може да произведе автономна технолошка иновација. Со распадот на СССР и Југославија оваа опсервација се потврдува и во пракса. Со почетокот на демократијата, елитата во Македонија се „демократизира„ на ист начин. Таа веќе не се одбира ниту по линија на религиозна, класна и национална припадност, ниту по степен на образование и идеолошка верност на идеалите на партијата како во времето на социјализмот. Демократизацијата е тотална до тој степен што сега секој може да стане елита, се додека беспоговорно ги спроведува есктрактивните политики на власта. Денес и муслиманот Велија, и Албанецот Ахмети, и магистарот Урко, и човек со идеолошка доследност од типот на Ѕинго можат да бидат и биле дел од општествената елита. Аирлија демократија.

Monday, June 4, 2012

Зошто пропаѓаат нациите

Зошто пропаѓаат нациите ("Why nations fail: the origins of power, prosperity and poverty") од Дарон Аџемоглу (МИТ) и Џејмс Робинсон (Харвард) е името на новата книга која излезе овој февруари и полека станува една од најзначајните популарни книги од областа на развојната економија. Уште првата недела дебитираше на листата на бестселери на Њујорк Тајмс и понатаму добива одлични критики од сите значајни сватски списанија. Во неа авторите се обидуваат да дадат одговор на прашањето содржано во насловот: зошто некои држави се богати и просперираат, а зошто други тонат во сиромаштија? Ова е веројатно најважното прашање на денешницата за кое во економската теорија не постои задоволителен консензус. Причината за успехот на книгата е едноставноста и истовремената револуционерност на понудениот одговор: институциите кои едно општество ги создава, т.е. законската и политичката рамка во која тоа функционира, се примарниот фактор кој одредува кои земји ќе бидат богати, а кои сиромашни.

Географската хипотеза
Можеби ова ни се чини интуитивно, дури и очигледно, но конвенционалната мудрост во политичките и академските кругови долго време се состоеше од теории кои ја нагласуваа улогата на природно-географските фактори: од неповолната географска положба како немањето излез на море, отсеченоста поради пустинските и планинските предели; улогата на климата за нивото на земјоделска продуктивност, тропските болести, деструктивноста на сушите, монсуните и тајфуните, па дури и влијанието на климата во обликувањето на културните навики (Монтескје 18-ти век: „Луѓето што живеат во топлите тропските краишта се разгалени поради убавото време, стануваат мрзливи и затоа се сиромашни.„) Модерната софистицирана верзија на оваа анахрона теорија е дека во некои култури и религии (имено исламот и Шеријатското право) се вкоренети обичаи и практики кои не можат да создадат предуслови за економски развој (неодговорност, склоност кон непочитување договори, аверзија кон банкарството, штедењето, корпоративното право и сл.) Главниот доказ за географската хипотеза уште од времето на Монтескје се содржи во картата подолу, на која може да се забележи дека најсиромашните земји (според просечното ниво на куповна моќ) се сконцентрирани во еден вид тропски сендвич околу екваторот, додека северно и јужно од нив во умерените предели се наоѓаат побогатите земји.

PPP (purchasing power parity) БДП (куповна моќ) по глава на жител 
и граница на тропската зона (±23° од екваторот)

Од друга страна, на долната слика се наоѓа контра-примерот на двете Кореи, за кој и самите автори пишуваат. На сателитската снимка јасно може да се види драматичната економска разлика помеѓу две земји кои имаат практично исти природно-географски предуслови, иста култура и традиција, на многу различни политички институции од двете страни на границата. 


„Се е политика!"
Клучното прашање е дали е прво јајцето или кокошката, односно политиката или географијата: Дали лошите политички режими се колатерален производ на општество кое е заглавено во сиромаштија, или пак државите заглавуваат во сиромаштија поради лошите политички режими. Аргументот на Аџемоглу и Робинсон се движи по линија на втората опција. Економски просперитетните држави имаат политички и економски институции кои се инклузивни, што значи дека преку систем на закони и практики создаваат услови за да се искористи целокупниот човечки и економски потенцијал за развој. ‘Политички инклузивни институции‘ значи дека моќта на одлучување широко се споделува помеѓу различните општествени слоеви и сите имаат влијание во креирањето на политиките преку систем на checks and balances. Различните општествени групи преку политички инклузивните институции можат да се изборат за своите интереси и на тој начин се содаваат економски инклузивни институции, кои гарантираат дека секој може слободно да практицира професија по свој избор, заштитено право на приватна сопственост, непристрасен правен систем, и еднаков пристап до јавните добра и услуги (како инфраструктура и образование). Овие форми на институционална организираност се неопходни за економски развој бидејќи овозможуваат трудот, способноста и иновативноста слободно да се вклучат во продуктивните процеси и да бидат наградени за тоа. Не само што политички инклузивните институции поддржуваат економски инклузивни институции, туку и обратно: кога различни економски интереси имаат слична економска моќ, многу е потешко за една група да ја узурпира политичката моќ на одлучување. На овој начин инклузивните општества генерираат механизми со кои се самозаштитуваат од алчноста на поедини индивидуи и групи и ја унапредуваат тешко стекнатата инклузивност. Во инклузивни општества, економската моќ на поединците зависи од условите на пазарот и се менува заедно со него, а не од политички привилегии кои владеачката елита би ги создала за да се збогати самата.

На другиот екстрем се наоѓаат режими во кои наместо инклузивни, постојат екстрактивни институции. Кај екстрактивните политички институции моќта на одлучување е сконцентрирана кај мала владеачка елита која одлучува исклучиво во полза на своите економски интереси на штета на сите останати, т.е. се создаваат екстрактивни економски институции преку кои се исклучува и осиромашува широк слој на граѓани. Во економски екстрактивни институции и практики спаѓаат: селективна примена на правниот систем, принудна работа, непочитување на правото на сопственост (експропријација, асиметрични одданочувања на само одредени сектори и слоеви), давање привилегии на владеачката елита (корумпирани владини договори, трансфери, заштитнички монополи) како и ограничен пристап до јавните добра (прескапо образование кое сиромашните не можат да си го дозволат или инвестирање во инфраструктурата само во одредени региони во кои владеачката елита ужива најмнмогу поддршка). Во вакви општества не постојат соодветни услови за долгорочен економски развој. Секој оној кој инвестира, без разлика дали во човечки капитал, т.е. во личната наобразба, дали во финансиски капитал (штедење) или во физички капитал (отварање бизнис), нема никаква сигурност дека токму тој ќе профитира од плодовите на неговата работа и инвестиција, бидејќи екстрактивните економски институции кои владеачката елита ги креира не работат во негова полза: заштедата може да исчезне доколку власта реши да создаде хиперинфлација, бизнисот може да пропадне соочен со опструкции, забрани или со повластена конкуренција, додека стекнатото образование и способност може да не значат ништо кога оној што е поврзан со елитите добива работно место во јавна институција или моќ на одлучување. 
И тука постои позитивна спрега помеѓу екстрактивните политички и екстрактивните економски институции. Само авторитативна власт која не ги застапува интересите на народот е во состојба систематично да работи против економските интересите на мнозинството. Исто така, колку е поголем степенот на екстрактивност на институциите, толку е поверојатно дека и новата елита што евентуално би ја преземала власта ќе продолжи да го практикува истиот систем, бидејќи веќе постои разработена општествена машинерија која им гарантира сигурен економски профит и политичка контрола. Дури и да ја преземат власта со ветувања за поголема инклузивност, остварувањето на тоа ветување од страна на новите елити би одело контра нивните сопствени интереси, а искушението е дотолку поголемо колку е самата власт помоќна (така што ризикот од узурпација ќе помине неказнет од останатите). Овој ефект, Аџемоглу и Робинсон го нарекуваат челичниот закон на олигархијата.

Зошто е значајно сево ова?
Оваа книга има пред себе многу амбизиозен потфат, а тоа е низ гореопишаната теоретска рамка да ја реинтерпретира целата економска и политичка историја на цивилизациите. Преку стотици примери кои опфаќаат период од неолитот до Арапската пролет и простор од Јапонија до Аргентина, авторите меѓу другото нудат објаснувања за тоа зошто Индустриската револуција започнала во Англија, зошто САД се најмоќната нација во 20-от век, зошто супсахарска Африка тоне во сиромаштија, зошто некои земји во Источна Азија постигнаа огромен економски раст, додека растот на Кина не е одржлив на долг рок. Причините секогаш ги лоцираат во историскиот развој на институциите во различните региони и улогата на историската случајност во интеракција со истите.
Доколку оваа теорија е точна, импликациите не се тривијални. Тоа би значело дека би требало да ги преиспитаме политиките на ОН и Светската Банка во однос на најсиромашните земји кои се базираат на давање неусловена помош и создаваат систем на перверзни мотиви кои само ги зајакнуваат екстрактивните режими. Конечно би требало да расчистиме со наивното верување кое е особено популарно меѓу академици експерти за развој дека властите во која и да е сиромашна земја имаат чесни намери и искрени заложби за сеопшт просперитет на својата земја, а дека единственото што им недостасува е странска експертиза за тоа кои се најдобрите политики. Но во оваа теорија се содржи и радикалната идеја дека граѓанините се самите креатори на својата судбина и дека прашањето на економскиот развој и просперитет е пред се прашање на политичко одлучување и организација.

----
Во наредниот пост ќе го анализирам примерот на Македонија применувајќи го пристапот на Аџемоглу и Робинсон, односно ќе се обидам да дадам одговор дали и  зошто македонското општество се чини заглавено во сиромаштија, економска стагнација и екстрактивни институции.